УЈП во Маврово ги советува туристичките работници: пријавете го доходот од издавање сместување, без разлика дали гостите се домашни или странски

Управата за јавни приходи (УЈП) продолжува со активностите за даночна информираност и поддршка на туристичкиот сектор преку кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“. Во рамки на кампањата, на 19 октомври 2026 година во Маврово се одржа информативно-работна средба со туристички работници, угостители, физички лица кои краткорочно издаваат сместувачки капацитети, вклучително и преку дигитални платформи, како и други лица кои вршат дејности поврзани со туризмот.
Средбата, реализирана во соработка со Општина Маврово и Ростуше, беше посветена на презентација на даночните обврски и практични прашања поврзани со пријавувањето и оданочувањето на доходот од краткорочно издавање сместувачки капацитети, ангажирањето сезонски работници и исполнувањето на даночните обврски во туристичкиот сектор.
На почетокот, стручните лица од УЈП ја истакнаа важноста од навремено информирање, директна комуникација и поддршка на даночните обврзници. Посочија дека навременото исполнување на даночните обврски придонесува за еднакви услови за сите, поголема доверба и фер и конкурентен туристички сектор.
Претставниците на Општина Маврово и Ростуше ја истакнаа важноста од континуираната соработка меѓу локалната самоуправа, институциите и туристичкиот сектор, како основа за унапредување на туристичката понуда и поттикнување на локалниот економски развој.
Претставниците на УЈП ги информираа присутните за обврските за пријавување и оданочување на доходот од краткорочно издавање соби, апартмани, станови, куќи, вили и други видови сместувачки капацитети. Беше нагласено дека доходот од издавање треба да се пријави и соодветно да се оданочи, без оглед на времетраењето на изнајмувањето, начинот на плаќање и тоа дали гостите се домашни или странски.
Обврските се однесуваат и на резервациите реализирани преку дигитални платформи како Booking, Airbnb, Kayak, TripAdvisor и други. На средбата беа презентирани практични примери за пријавување на доходот од закуп и подзакуп преку системот е-Даночни услуги, како и за користење на алатката „Калкулатор“, преку која даночните обврзници можат да го пресметаат данокот на личен доход и да ги утврдат признатите трошоци.
Дополнително, беа разгледани прашања поврзани со правилното пријавување на сезонските и повремените работници, како и со даночните обврски на физичките лица кои остваруваат доход од други активности поврзани со туристичката понуда, како што се изнајмување опрема и слични услуги.
Кампањата „Фер туризам започнува со пријавен доход“ има за цел да ги поттикне туристичките работници навремено и точно да ги исполнуваат своите даночни обврски, со што, како што беше истакнато на средбата, се создаваат еднакви услови за сите учесници на пазарот и се зајакнува довербата во институциите. Преку директна комуникација со даночните обврзници, УЈП продолжува да обезбедува поддршка и практични совети за полесно справување со даночните процедури во туристичкиот сектор.