УЈП почна практична настава за средношколци од „Васил Антевски – Дрен

Управата за јавни приходи започна со реализација на активностите за учење преку работа, предвидени со Меморандумот за соработка што институцијата го потпиша со средното економско-правно училиште „Васил Антевски – Дрен“. Со оваа соработка на учениците им се овозможува стекнување практични знаења и искуства во реална работна средина, а првите активности официјално почнаа на 4 ноември 2026 година.
Во активностите се вклучени 13 ученици од образовниот профил „Дигитален маркетинг“, кои во периодот до 20 мај 2027 година ќе имаат можност непосредно да се запознаат со функционирањето на Управата за јавни приходи, нејзините надлежности, организациската поставеност и работните процеси. Станува збор за практична настава што ќе се одвива во текот на неколку месеци, со јасно предвидени фази и активности.
По повод започнувањето на активностите, директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова ги пречека учениците и им посака успешен почеток, нови знаења и корисни практични искуства. Таа пред учениците ја истакна важноста од поврзување на образованието со практиката и од одговорноста што ја носи секој иден професионалец во јавниот сектор.
Почетните активности се насочени кон запознавање на учениците со институцијата, нејзината организациска поставеност и надлежности, професионалните стандарди, службената комуникација и работната дисциплина, како и со правилата за доверливост, даночна тајна и заштита на личните податоци. Овие првични содржини имаат за цел учениците да стекнат основен увид во начинот на функционирање на една од клучните државни институции задолжена за наплата на јавните приходи.
Во текот на практичната настава, учениците постепено ќе се вклучуваат во активности во соодветните организациски единици на УЈП, каде што ќе имаат можност да се запознаат со конкретни работни процеси и да стекнуваат практични знаења и вештини соодветни на нивниот образовен профил „Дигитален маркетинг“. За нивната поддршка и насочување ќе бидат определени ментори – даночни службеници во УЈП, кои ќе ги водат низ процесот на учење, ќе го споделуваат своето професионално знаење и искуство и ќе го следат нивниот напредок и реализацијата на предвидените активности.
Од Управата за јавни приходи потсетуваат дека учењето преку работа претставува важен начин на поврзување на формалното образование со практиката, овозможувајќи им на младите да ги применат стекнатите теоретски знаења, да развиваат професионални и комуникациски вештини и да се запознаат со работната култура, професионалната одговорност и интегритетот.
„Верувам дека младите генерации, со своето знаење, енергија и идеи, имаат значајна улога во обликувањето на иднината на институциите и општеството. Вие сте идните економисти, правници, менаџери и професионалци кои ќе придонесуваат кон развојот на модерна, одговорна и праведна држава. Фер е секој да го плати својот дел и на тој начин да учествува во заедничкиот развој и градењето праведно општество“, истакна директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова.
Со започнувањето на овие активности, Управата за јавни приходи продолжува со практиката на отворање на своите врати за младите кадри и за институциите од образовниот систем, со цел практичното знаење да стане составен дел од патот на идните професионалци кон нивната кариера.