FinPortal.mk

УЈП: Контролингот повеќе не е само евиденција, туку алатка за одлучување

FinPortal.mk  · 
УЈП: Контролингот повеќе не е само евиденција, туку алатка за одлучување

Контролингот во јавниот и во приватниот сектор повеќе не може да се сведе на пуко евидентирање на она што веќе се случило, туку мора да стане основа за информирано и одговорно одлучување. Ова беше централна порака од 7-мата Германско-македонска конференција за контролинг, која денеска се одржа во Хајделберг Факултетот во Скопје, а на која како панелисти учествуваа директорката на Управата за јавни приходи, м-р Елена Петрова, и управникот на Регионалната дирекција на УЈП – Струмица, Александар Николов.

Конференцијата обедини експерти, професионалци и претставници од академската заедница, финансискиот сектор, банкарството, осигурувањето, технологијата, индустријата и јавниот сектор, во рамки на еднодневна дискусија посветена на иднината на контролингот. Тековните предизвици во оваа област – вештачката интелигенција, дигитализацијата и преквалификацијата – беа во фокусот на разговорите, а токму тоа беше и насловот на обраќањето на директорката на УЈП.

Во своето излагање, Петрова се осврна на улогата на контролингот, аналитичките алатки и вештачката интелигенција во современото работење на даночната администрација. „Предизвикот не е само да воведеме аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, туку да создадеме систем што знае што да прави со знаењето што го добива од овие алатки“, истакна таа.

Говорејќи за контролингот во институционалниот контекст на УЈП, директорката посочи дека станува збор за систем на планирање, следење, известување, анализа и прилагодување, чија цел не е само да покаже што се случило, туку да помогне во носењето одлуки за тоа што треба да се направи. Според неа, контролингот во даночната администрација има јасна практична цел – да ја насочи институцијата кон она што дава најдобар резултат.

Притоа, Петрова нагласи дека мерењето на успешноста не треба да се сведува само на бројот на реализирани активности, туку треба да го опфати и нивниот ефект врз однесувањето на даночните обврзници и степенот на даночна усогласеност. „Не е доволно да мериме активности за да знаеме што сме правеле. Мора да мериме резултати, но и влијанија врз однесувањето на даночните обврзници“, рече директорката на УЈП.

Во тој контекст, таа ја истакна важноста на јасно поставените цели и индикатори, како и примената на меѓународно прифатени рамки за мерење на перформансите на даночните администрации. Меѓу нив ја спомена TADAT рамката – инструмент за дијагностичка проценка на даночната администрација, кој овозможува споредба и идентификување на слабите точки во работењето.

Посебен дел од презентацијата на директорката Петрова беше посветен на примената на аналитичките алатки и вештачката интелигенција во управувањето со даночните ризици. Според неа, анализата на податоците овозможува подобро разбирање на однесувањето на даночните обврзници, како и на причините за нивното однесување, што претставува основа за попрецизно насочување на ресурсите на институцијата.

Конференцијата во Хајделберг Факултетот во Скопје е седма по ред во рамки на германско-македонската соработка во областа на контролингот, а годинашниот фокус на вештачката интелигенција, дигитализацијата и преквалификацијата ја одразува потребата од прилагодување на професијата кон новите технологии. Учеството на претставници на УЈП на ваков вид меѓународни и секторски средби, како што беше наведено, е дел од напорите на институцијата да ги следи современите практики во управувањето со даночните системи.