УЈП ќе може во реално време да открива сомнителни донации преку електронската фактура
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Електронската фактура може да ѝ овозможи на Управата за јавни приходи (УЈП) да ги открива сомнителните донации и спонзорства без да чека со години некој инспектор да ги отвори документите. Оваа можност ја отвора дигитализацијата на фактурите, чии податоци би можеле да бидат достапни во реално време, а донациите и спонзорствата да се издвојуваат за проверка, објаснува даночната експертка Елена Стојмановска Тортевска во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“. Според Стојмановска Тортевска, со поврзување на фактурите и извештаите од примателите, УЈП ќе има подобра основа да процени каде постои ризик и каде треба да испрати контрола. Таа посочува дека не е исто да проверуваш дониран кров, кој останува на објектот, и садници, кои по неколку години можат да се исушат. Токму затоа е важно проверките да се прават навреме, додека сè уште може да се утврди што навистина е донирано. „Значи ги имате електронската фактура во реално време. Не чекаме дали некогаш некој ќе отиде во надворешна контрола и ќе ја види таа фактура. Имате електронската фактура, го имате извештајот, вие имате двајца чинители, можете веќе историјата даночна да ја знаете и на едниот и на другиот. Можете навистина да го дадете фокусот колку и какво да се провери фактичката состојба“, објаснува Стојмановска Тортевска во разговорот. Прашањето што се наметнува е дали дигитализацијата ќе овозможи проверките да се прават навреме, додека сè уште може да се утврди што навистина е донирано, наместо да се чека инспектор да ги отвори документите со години подоцна. Целиот разговор со Елена Стојмановска Тортевска е достапен во поткастот „Каде се парите? со Горан Теменугов“.