УЈП бара пресметки за странски приходи од 2021 година во рок од само пет дена

Управата за јавни приходи (УЈП) им дава рок од само пет дена на граѓаните да поднесат електронска пресметка за данок на личен доход за приходи остварени во странство во 2021 година, откако ќе добијат известување од институцијата. Станува збор за продолжување на постапка што започна минатата година, а која повторно предизвикува реакции, особено поради краткиот рок за постапување и тешкотиите со обезбедувањето документација за приходи од пред пет години.
„Ве повикуваме во рок од 5 дена од приемот на ова известување да поднесете електронска пресметка за данокот на личен доход преку системот е-Даночни услуги на Управата за јавни приходи“, се наведува во дописот што УЈП им го доставува на граѓаните. Од УЈП појаснуваат дека станува збор за законска обврска, но нагласуваат дека граѓаните имаат можност да достават докази доколку сметаат дека се исполнети условите за ослободување од оданочување во земјава.
Директорката на УЈП, Елена Петрова, вели дека врз основа на известувањата се очекува граѓаните кои оствариле доход да ги поднесат пресметките и сите докази што се однесуваат на видот на доходот и на платениот данок во странство. „Целта е да се обезбедат сите потребни информации за точно утврдување на даночната обврска, имајќи предвид дека се применуваат и договорите за избегнување на двојното оданочување и можноста за даночно ослободување“, изјави Петрова.
Но, обезбедувањето на документацијата е проблем за граѓаните. На социјалните мрежи реагираат дека по пет години не се сеќаваат на сите трансакции, немаат пристап до старите банкарски сметки или не располагаат со другите документи што би им помогнале да ги проверат податоците. „Ми бараат докази коишто во рок од пет дена треба да ги поднесам преку нивната архива (!?). А со увид во платниот промет и преку мојата банка и на нивното салдо, и на мојот електронски профил, можат да проверат и да видат дека направиле грешка“, реагираат граѓани.
Минатата година постапката за приходи остварени во 2020 година предизвика силни реакции во јавноста, а беа опфатени околу 9.000 граѓани, а по овој основ беа наплатени околу 2,8 милиони евра. Сега повторно се отвора прашањето како да се обезбеди точно утврдување на даночните обврски, без граѓаните по неколку години да се соочуваат со тешкотии при обезбедувањето на потребната документација.