Ученици од Виница и деца од скопски градинки го посетија кабинетот на претседателката Сиљановска-Давкова

Ученици од Основното училиште „Гоце Делчев“ од Виница и деца од неколку скопски градинки денеска го посетија претседателскиот кабинет, по повод церемонијата на менување на државното знаме, којашто се одржува секој втор петок во месецот. Посетата ја реализираа децата од градинките „Орце Николов“ – Карпош, Британска детска академија и „Изворче – Монтесори“, заедно со дел од нивните наставници и воспитувачи.
Според соопштението од кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, децата љубопитно го проследиле настанот и со почит се вклучиле во интонирањето на македонската химна. По завршувањето на церемонијата, тие заеднички се фотографирале, со што, како што е наведено, го крунисале моментот.
Младите посетители заинтересирано ги разгледале кабинетските простории, а посебно внимание им посветиле на двата мозаици на Чемерски во свечената сала. Според кабинетот, децата поставувале умни прашања до претседателката, меѓу кои за нејзините омилени игри и училишни предмети, за домашните миленици, но и за тежината и предизвиците што ги носи вршењето на претседателската функција.
Претседателката Сиљановска-Давкова искрено им признала дека нивните прашања ја вратиле во најубавиот период од животот, којшто, како што истакнала, никогаш никој не го заборава. Од кабинетот на претседателката соопштија дека ваквите средби со најмладите остануваат меѓу најпријатните моменти во нивната работа.
Церемонијата на менување на државното знаме претставува редовна активност што се одржува секој втор петок во месецот, а денешната посета на ученици и деца од градинки е дел од практиката претседателскиот кабинет да биде отворен за граѓаните, особено за најмладите генерации, кои на тој начин се запознаваат со државните симболи и институции.