Ученици дебатираа во Собранието за ментално здравје, булинг и невработеност – одбележан Светскиот ден на наставниците

Во Собранието на Република Македонија денеска, на 5 октомври 2026 година, се одржа едукативната активност „Имам став!“, со која беше одбележан Светскиот ден на наставниците и официјално започна новата сезона на оваа програма. На настанот присуствуваа пратеничката Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ и пратеникот Амар Мециновиќ од Левица, како и повеќе од 30 наставници од дваесетина средни училишта од земјата.
Настанот го отворија Златко Атанасов, раководител на Парламентарниот институт, и Иванка Василевска, претседателка на Комисијата за образование, наука и спорт. Во симулацијата на парламентарна расправа учествуваа ученици од СЕПУГС „Васил Антевски – Дрен“ од Скопје, кои беа победници од претходната сезона на програмата „Имам став!“.
Презеајќи ја улогата на пратеници, учениците дискутираа на темите ментално здравје, булинг и невработеност, со посебен фокус на предизвиците со кои се соочуваат младите луѓе во земјата. Организирани во три групи, тие ги претставија своите ставови и предложени решенија во симулирана парламентарна расправа, при што покажаа вештини за јавно говорење, аргументирање и почитување на различните мислења.
Тројцата пратеници дадоа повратни информации за ученичките настапи и го истакнаа квалитетот на дебатата и предложените решенија. „Да се говори значи да се има став. Да се има став е право на секоја една човечка индивидуа“, рече пратеничката Василевска, нагласувајќи го значењето на слободното изразување и правото на сопствено мислење.
Пратеничката Лукаревска истакна дека Собранието ќе ги земе предвид предложените решенија, со оглед на квалитетот на нивната изработка и дискусијата преку која беа претставени. Пратеникот Мециновиќ оцени дека, без никаква доза на ласкање, ја проследил најдобрата дебата на која присуствувал во текот на десетте години од постоењето на програмата „Имам став!“.
По ученичката симулација, програмата продолжи со дискусија со наставниците за реализацијата на активноста, нивната улога во подготовката на учениците и можностите за натамошна соработка со Собранието. Средбата овозможи размена на искуства и предлози за новата сезона на програмата.
Одбележувањето на Светскиот ден на наставниците беше и можност да им се оддаде признание за нивниот придонес во развојот на критичкото размислување, самостојното изразување и активното граѓанство кај младите. Со својата посветеност, наставниците создаваат простор во кој учениците учат да поставуваат прашања, да формираат ставови и да ги изразуваат своите мислења слободно и аргументирано.
Активноста „Имам став!“ претставува програма на Парламентарниот институт која им овозможува на средношколците од целата земја да се запознаат со работата на законодавниот дом и да ги развијат своите вештини за јавно настапување и критичко размислување. Новата сезона на програмата започнува токму со денешниот настан, а организаторите најавија дека во текот на годината ќе следат уште низа слични активности низ училиштата.