УАКС ја отвори 21. академска година со целосно дигитализирана платформа

Универзитетот Американ Колеџ Скопје (УАКС) ја пречека 21. генерација новозапишани студенти, со што официјално започна новата академска 2026/2027 година. Со настанот „Start Smart @UACS“, организиран по повод почетокот на академската година, УАКС одбележа 21 година од своето работење.
На студентите им се обрати ректорката на УАКС, проф. д-р Венера Крлиу, која им посака добредојде и успешен почеток на нивното академско патување. Ректорката Крлиу истакна дека УАКС е приказна која се гради повеќе од две децении, создадена од генерации студенти, професори, алумни, партнери и семејства кои верувале во идејата за квалитетно образование – образование кое и во услови на брзи технолошки и општествени промени е применливо во реалниот сектор и кое ги учи студентите како да учат, критички да размислуваат, да се приспособуваат, да бидат креативни и да создаваат, како за себе, така и за општеството во кое живеат.
Во своето обраќање ректорката Крлиу се осврна и на процесот на дигитализација на универзитетот. „Американското полнолетство од 21 година го започнуваме со нова целосно дигитализирана платформа и горди сме што со MyUACS сме првиот целосно дигитализиран универзитет во земјата. Но сепак, технологијата сама по себе не е иднината. ВИЕ сте иднината. Нашата задача е да ви дадеме знаење, можности, поддршка, но никој не може да го помине овој пат наместо вас. Вашето образование е ваша одговорност. И очекувам сериозно да го сфатите тоа“, рече ректорката Крлиу.
Новата дигитална платформа претставува значаен чекор во дигиталната трансформација на УАКС. Со MyUACS, студентите добиваат централизирана платформа преку која можат да ги следат распоредите, присуството, оценките и транскриптите, да комуницираат со професорите и универзитетската администрација, како и да регистрираат предмети и испити. На овој начин, сите клучни услуги и информации кои им се потребни на студентите во текот на студирањето се дигитално достапни на едно место.
И во новата академска 2026/2027 година, УАКС продолжува да ја гради академската приказна со фокус на квалитетното образование, меѓународната поврзаност, иновациите и развојот на млади.