FinPortal.mk

Турција засилува контролата врз најбогатите даночни обврзници

FinPortal.mk  · 
Турција засилува контролата врз најбогатите даночни обврзници

Турција значително ја засилува контролата врз даночните обврзници со високи приходи, објави турскиот весник „Дејли Сабах“, повикувајќи се на државната агенција „Анадолу“. Даночниот инспекторат (ВДК) користи неколку методи за да провери дали обврзниците точно ги исполнуваат своите обврски, меѓу кои формални даночни инспекции, барања за објаснување и активности за следење.

Според извештајот, годинава се инспектирани околу 31,3 отсто од големите даночни обврзници. Тоа значи дека речиси секој трет обврзник во оваа категорија бил предмет на контрола, наспроти околу 11 отсто во претходните години. Стапката на инспекција кај средните обврзници изнесува 7,3 отсто, а кај малите 1,1 отсто. Притоа, властите најчесто користат барања за објаснување кога станува збор за средни обврзници, додека мерките за следење се резервирани за помалите.

Инспекторатот годинава ја воведе и втората програма за следење и усогласеност на групите со високи приходи. Целта на иницијативата е да се осигура дека обврзниците од оваа категорија точно ги пријавуваат своите приходи за 2025 година. Според извештајот, вклучените обврзници ја зголемиле пријавената даночна основа за вкупно една милијарда долари, односно 48,7 милијарди турски лири.

Вкупно 16. 307 обврзници се идентификувани како припадници на групата со високи приходи и ставени под следење.

ВДК, исто така, открил дека околу 7.000 од следените обврзници не поднеле даночни пријави во претходните периоди. По спроведеното следење, повеќето од нив поднеле пријави и за првпат го пријавиле својот доход, се наведува во извештајот.