FinPortal.mk

30.10.2026 - ТТК Банка АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

ТТК Банка АД Скопје за периодот од 1.1.2026 до 30.9.2026 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 41,4 милиони денари, се наведува во коментарот за остварените финансиски резултати објавен преку системот за електронско известување на Македонската берза.

Банката оствари позитивен нето-оперативен приход пред исправки на вредност во износ од 61,7 милиони денари, како резултат на реализирани оперативни приходи од 428,0 милиони денари и оперативни трошоци од 366,3 милиони денари. Во анализираниот период издвоени се исправки на вредност на финансиски и на нефинансиски средства во износ од 20,3 милиони денари.

Билансната сума на Банката заклучно со 30.9.2026 година достигна ниво од 13.085 милиони денари, што претставува раст од 7,0 отсто во споредба со 30.9.2025 година. Планот е остварен со 99,0 отсто.

Кредитите и побарувањата од други комитенти бележат пораст од 6,8 отсто во однос на 30.9.2025 година. Порастот главно е резултат на зголемување на кредитите на секторот домаќинства за 237 милиони денари, односно 5,7 отсто, како и на растот на кредитите од секторот стопанство за 142 милиони денари или 9,2 отсто. Планот за овој период е реализиран со 101,4 отсто.

Депозитите на други комитенти изнесуваат 11.125 милиони денари и бележат пораст од 8,2 отсто во однос на 30.9.2025 година, што се должи на зголемувањето на депозитите по видување и на орочените депозити од секторот домаќинства за 13,9 отсто. Во однос на планот се остварени со 98,7 отсто.

Нето-приходите од камати, како основна компонента во формирањето на вкупните приходи од работењето, во периодот изнесуваат 282,7 милиони денари и бележат пораст од 7,4 отсто во однос на истиот период од претходната година. Порастот во најголем дел се должи на зголемените каматни приходи од секторите домаќинства и банки и финансиски институции.

На 26.5.2026 година Банката успешно го финализираше процесот на зголемување на основната главнина преку скрип емисија на нови акции по пат на приватна понуда и го зголеми својот почетен капитал за износ од 41.918.000 денари. Вкупниот капитал по извршената емисија изнесува 1.075.091 обични акции со номинална вредност од 1.000 денари, односно вкупно 1.075.091.000 денари.

Заклучно со 30.9.2026 година, нема промени во сметководствените политики и во методите на вреднување.