Тренчевска бара одговор од Хоџа: Како е одобрен план за пет рудници без проценка за влијанието врз животната средина?

FinPortal.mk · 24.9.2026 г.

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, упати остро прашање до министерот за животна средина и просторно планирање, Муамед Хоџа, барајќи објаснување како Министерството дало согласност за Нацрт-просторниот план со кој се предвидува отворање на пет нови рудници за метали. Според Тренчевска, станува збор за документ што ја определува развојната траекторија на Македонија до 2040 година, а во него веќе се наведени конкретни локации за рударски активности. Пратеничката посочи дека во Нацрт-просторниот план се предвидени рудници на локациите Иловица–Штука, Казан Дол, Плавица, Кадиица и Луке. Таа изрази загриженост дека со овој документ површините наменети за експлоатација на критични минерални суровини се зголемуваат од околу два на приближно десет квадратни километри, што според неа претставува петкратно зголемување во споредба со досегашната состојба. „Како ова го испланиравте? Кој ви даде право да ја планирате иднината на Македонија зад затворени врати и да им ја цртате средината на граѓаните во која треба да живеат?“, праша Тренчевска во своето обраќање. Таа оцени дека природните богатства претставуваат национално богатство и порача дека Македонија не е приватна фирма и не може природните ресурси да ги отстапува за туѓи интереси. Пратеничката побара поголема транспарентност околу планираните рударски проекти и постави низа прашања за тоа каде точно би се наоѓале коповите, јаловиштата и постројките, како и на која оддалеченост би биле од домовите на граѓаните и од изворите на вода. Според неа, граѓаните треба да имаат информации за можните влијанија врз животната средина, земјоделството и водните ресурси пред да се донесат одлуки поврзани со отворањето на рудниците. Во своето обраќање Тренчевска се осврна и на антимонот, наведувајќи дека станува збор за материјал што може да претставува ризик за животната средина доколку дојде до загадување на почвата и водата. Таа истакна дека ваквите ризици мора да бидат земени предвид пред да се даде зелено светло за експлоатација.

Тренчевска бара одговор од Хоџа: Како е одобрен план за пет рудници без проценка за влијанието врз животната средина? | FinPortal.mk

Пратеничката на СДСМ, Јована Тренчевска, упати остро прашање до министерот за животна средина и просторно планирање, Муамед Хоџа, барајќи објаснување како Минис