Трамп со технолошките лидери потпиша „морално обврзувачки“ договор за безбедност на вештачката интелигенција

Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот во Белата куќа беше домаќин на состанок со врвни технолошки раководители, кој самиот го нарече „извонреден собир“ на умовите што ја „градат златната ера на Америка“. На гостинската листа беа лидери од OpenAI, Anthropic, Nvidia, Meta и Google — клучни фигури во американската индустрија за вештачка интелигенција. Состанокот се одржа во момент кога дел од технолошките директори и експерти повикуваат на построг надзор над вештачката интелигенција и забавување на развојот на технологијата, поради загриженоста за можните ризици врз човештвото.
По затворениот состанок, Трамп извесно време одговараше на новинарски прашања заедно со претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, и со врвните технолошки лидери. Тој им изјави на новинарите дека директорите потпишале „морално обврзувачки“ документ што ќе служи како „форма на заштита“ од можните ризици на вештачката интелигенција. Според договорот, кој Трамп го објави на социјалните мрежи, компаниите се одговорни за безбедноста на сопствената технологија. Фирмите, исто така, се согласиле да воведат заштитни мерки за моделите да работат како што е предвидено и брзо да откриваат и отстрануваат евентуални проблеми. Тие ќе соработуваат и со „независни ревизори“ за да се процени дали нивните системи функционираат како што треба и да се осигура дека нивните платформи не „хакуваат или пристапуваат до технички системи на несакан начин“.
Документот го потпишаа Трамп, шефот на Google, Сундар Пичаи, првиот човек на Anthropic, Дарио Амодеи, Марк Закерберг од Meta, претседателот на OpenAI, Грег Брокман, Илон Маск од SpaceX и извршниот директор на Nvidia, Џенсен Хуанг. „Тоа е речиси како устав, на некој начин“, рече Трамп, осврнувајќи се на договорот. „И најголемите луѓе во светот го потпишаа, а јас го потпишав како претседател.“ Тој додаде дека ќе формира одбор што ќе ја надгледува безбедноста на алатките за вештачка интелигенција, но не прецизираше кој ќе биде во него. Трамп постојано ги омаловажуваше грижите за ризиците од вештачката интелигенција, отфрлајќи ги како „измама“, и тврдеше дека единствената „заштитна ограда“ што е потребна на индустријата е „паметен“ претседател.
Трамп, исто така, ја повтори поддршката за брзото ширење на центрите за податоци — клучната компјутерска инфраструктура што ја напојува вештачката интелигенција. Нивното отворање наидува на отпор низ земјата поради загриженоста за потрошувачката на електрична енергија и можните последици врз заедниците. Изградбата на центри за податоци се појави и како потенцијален политички предизвик за републиканците пред меѓуизборите во ноември. Анкета на Marist Poll, спроведена со NPR и PBS News, покажа дека 65 отсто од регистрираните гласачи се против изградба на центри за податоци во нивните средини. Одговарајќи на тие грижи, Трамп рече дека технолошките компании ќе работат луѓето да бидат „задоволни“ од изградбата. Хуанг од Nvidia, чиишто чипови се неопходни за работа на вештачката интелигенција, изјави по состанокот дека центрите за податоци треба да се нарекуваат „фабрики за супер-интелигенција“ и дека тие ја „реиндустријализираат“ Америка.
Истиот ден Трамп потпиша извршна наредба со која американските владини одделенија и агенции се задолжуваат да ги користат термините „SI“ и „супер-интелигенција“ и повеќе да не го признаваат користењето на терминот вештачка интелигенција. Според наредбата, SI ќе го замени AI во „официјалната кореспонденција, јавните комуникации, веб-страниците, извештаите, политичките документи и другите нестатутарни документи во рамките на извршната власт“. „Како што овие способности продолжуваат да се подобруваат, тие сè повеќе претставуваат не само вештачка интелигенција, туку нова ера на супер-интелигенција“, се наведува во наредбата.