Трамп и дизелот: бројките откриваат тешка дилема пред изборите
Цените на дизелот на големо повеќе од двојно се зголемија од почетокот на 2026 година до крајот на септември, откако војните во Украина и Иран драстично го намалија глобалното снабдување. Според анализата на CNBC, оваа состојба стана едно од клучните прашања пред годинешните меѓуизбори во САД, а експертите предупредуваат дека цените најверојатно ќе останат високи и во блиска иднина.
Меѓународната агенција за енергетика во својот месечен извештај за октомври предвиде дека ограничувањата на пазарот на дизел веројатно ќе ги задржат цените високи и во текот на следната година. Агенцијата предупреди дека дури и ако рафинериите го зголемат производството на дизел кон крајот на годината, залихите најверојатно ќе останат напнати до втората половина на 2027 година. Голдман Сакс во својата белешка од минатата недела предвиде дека цените на дизелот ќе останат високи и во 2027 година, бидејќи рафинериите тешко ја задоволуваат побарувачката.
Минатиот петок американскиот претседател Доналд Трамп неочекувано ги паузираше санкциите за руското дизел гориво и објави дека постигнал договор со Владимир Путин, според кој Кремљ ќе ослободи 4,8 милиони метрички тони дизел, односно речиси 36 милиони барели, на глобалниот пазар. За време на викендот тој на Truth Social објави „енергетски прекин на огнот“ меѓу Русија и Украина, но украинскиот претседател Володимир Зеленски подоцна ја обвини Русија дека ги напаѓа енергетските капацитети на земјата.
Трамп инсистираше дека војната во Украина е виновна за високите цени на дизелот. На 8 јули Русија го забрани извозот на дизел откако Украина ги погоди нејзините рафинерии. Во САД цената на галон дизел порасна за речиси 40 отсто меѓу 6 јули и 22 септември. Сепак, цената на дизелот веќе беше скокната откако започна војната во Иран и сè уште беше 20 отсто над нивото пред војната кога Русија ја воведе забраната за извоз, што го направи тоа ограничување на снабдувањето уште поизразено.
И покрај потегот на Трамп, експертите се согласуваат дека пуштањето на повеќе руски дизел на пазарот веројатно нема да влијае врз цените во краток рок. Двата конфликти создадоа големи верижни ефекти врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи значителни осцилации, понекогаш и на дневна основа.