Трамп го повика Дејна Вајт да биде портпарол на Белата куќа: „Те молам, прифати ја работата!

Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го повика Дејна Вајт, долгогодишен сојузник и претседател на најголемата светска организација за мешани боречки вештини УФЦ, да стане нов портпарол на Белата куќа. Понудата Трамп ја упати преку својата социјална мрежа Трут соушл, директно повикувајќи го Вајт со зборовите: „Дејна, те молам, прифати ја работата!“
Засега не е јасно дали станува збор за сериозна кадровска понуда или за шега. Од Белата куќа и од компанијата ТКО холдингс, сопственик на УФЦ, нема коментар за објавата на претседателот.
Функцијата портпарол на Белата куќа е испразнета од средината на октомври, кога Кејти Захарија ја напушти позицијата по само неколку дена на таа должност. Објавата на Трамп доаѓа и по неодамнешниот изборен пораз на републиканците, кои го загубија мнозинството во двата дома на американскиот Конгрес.
Во саботната објава Трамп напиша дека Вајт би бил „портпарол каков што досега не сме виделе“. Претседателот го опиша шефот на УФЦ како „борбен човек и воин“, а побарал од него во тимот да доведе и неколку познати борци на УФЦ, „иако некои од нив не се од нашата земја“. „Ни требаат овие луѓе за да нè бранат од лудата левица“, додаде Трамп, објавувајќи притоа фотографии од шест борци.
Дејна Вајт реагираше на објавата на Трамп преку Инстаграм, каде што сподели фотографија од себе зад говорницата во салата за прес-конференции на Белата куќа. „Одиме кон следното поглавје“, напиша тој, но не објасни дали станува збор за шега или за навестување дека навистина ја разгледува понудата.
Претседателот на УФЦ е познат по својот конфронтирачки однос и честите расправии со новинарите кои ги следат боречките спортови. Во 2020 година тој објави видео во кое ги нападна новинарите кои ја критикуваа одлуката на УФЦ да организира борби на почетокот на пандемијата.
Доколку Вајт навистина ја прифати понудата, тој би ја презел функцијата што во изминатиот период остана без постојан претставник, а неговото поставување би било невообичаено кадровско решение со оглед на неговата досегашна кариера во спортот, а не во политиката. Засега останува отворено прашањето дали објавата на Трамп претставува вистинска покана или само уште една од неговите чести провокативни пораки на социјалните мрежи.