Трајанов: Без сопствени ВИ-модели и дата-центри, Македонија ризикува да стане дигитална колонија

Македонија мора активно да работи на градење сопствени модели на вештачка интелигенција и дигитална инфраструктура за да го зачува националниот дигитален суверенитет, порача новоизбраниот дописен член на Македонската академија на науките и уметностите, професор д-р Димитар Трајанов, во своето пристапно предавање.
Трајанов, кој е и раководител на проектот за национална фабрика за вештачка интелигенција „Везилка“, зборуваше на тема „Градење национални капацитети за вештачка интелигенција: знаење, податоци, модели и дигитален суверенитет“. Како две клучни препораки тој ги издвои изградбата на национални дата-центри и интензивирањето на работата врз македонскиот дигитален корпус.
„Ни требаат национални дата-центри за чување на податоците тука. Иако постојат одредени ризици, бенефитот од тоа податоците да бидат под наш суверенитет е драстично поголем. За која било технологија мора да измерите дали тоа е добро или тоа е лошо. Значи викаме водата… но, мора да се стави на кантар кој е бенефитот, а кои се ризиците ако тоа го немаме. Ние гледаме само три ризици коишто реално ги има, меѓутоа тие можат да се менаџираат и да се направи тоа да го имаме и да го избегнеме ризикот да бидеме дигитална колонија“, предупреди професорот.
Дефинирајќи го дигиталниот суверенитет, Трајанов подвлече дека тој претставува „способност на една нација сама да го пишува, проверува и исправа она што е запишано за неа на нејзиниот сопствен јазик“. За остварување на оваа цел, според него, како држава треба да се стремиме кон четири клучни способности: самостојно креирање дигитални системи, контрола врз нивното работење, корекција на грешките и можност за нивно исклучување или замена кога е потребно.
Во своето предавање Трајанов порача дека вештачката интелигенција во само пет години оствари напредок на сите полиња. Очекувањата се дека, за разлика од останатите технолошки пронајдоци кои го олесниле и забрзале напредокот во конкретни области, како што е автомобилот во транспортот, вештачката интелигенција ќе најде ефикасна примена од медицината и образованието.
Предавањето на новоизбраниот член на МАНУ се одржа како дел од неговото официјално пристапување во академијата, а темата на дигиталниот суверенитет и националните капацитети за вештачка интелигенција беше централна точка на неговото обраќање.