Тошковски во Будва: Македонија презема значаен дел од одговорноста за европската безбедност
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Македонија веќе презема значителен дел од одговорноста за европската безбедност и нејзиниот придонес треба соодветно да биде препознаен, порача министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, што на 5 и 6 ноември се одржа во Будва, Црна Гора. На форумот, на кој присуствуваа министри од регионот и претставници на европските институции, Тошковски говореше за миграцијата, граничната безбедност и борбата против криминалот во дигиталната ера. Тој посочи дека во првите десет месеци од 2026 година обидите за нелегален премин на државната граница се зголемиле за 29 проценти во споредба со истиот период лани. Во овој период биле откриени 23 случаи на криумчарење на вкупно 144 мигранти, а кривично биле гонети 38 лица. Тошковски ја истакна соработката со Фронтекс, чија заедничка операција со македонската полиција, започната на јужната граница во 2023 година, во август годинава била проширена и на северната. Во завршна фаза се и подготовките за нејзино проширување на западната граница. Тој побара и натамошна техничка, кадровска и финансиска поддршка од Европската Унија. Министерот информираше дека Македонија има речиси целосна усогласеност со европската листа на држави чии државјани подлежат на визен режим. Осврнувајќи се на криминалот во дигиталниот простор, Тошковски предупреди на растот на сајберкриминалот, онлајн измамите и злоупотребата на криптовалутите и вештачката интелигенција за криминални цели. Како значаен чекор го посочи формирањето специјализирано одделение во МВР за истраги на злоупотреби на деца на интернет и истраги од отворени извори, со надлежност на национално ниво. Тој повика на побрза размена на информации и електронски докази меѓу земјите од регионот и европските институции, оценувајќи дека токму тоа е клучот за навремено справување со современите безбедносни предизвици. Според изнесеното на форумот, заедничките операции со Фронтекс и засилената гранична контрола веќе даваат резултати