Тошковски и Рици: Со УНОДЦ продолжуваме заеднички против трговијата со дрога

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари средба со Данило Рици, регионален претставник на Канцеларијата на Обединетите нации за дрога и криминал (УНОДЦ) за Југоисточна Европа. Централна тема на разговорот беше продлабочувањето на соработката во борбата против недозволената трговија со дрога и психотропни супстанции, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
На средбата се разговарало и за зајакнување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи. Притоа била нагласена потребата од користење меѓународни искуства и добри практики, експертска поддршка и координиран пристап кој ги поврзува полициското постапување, превенцијата и институционалната соработка.
„Борбата против недозволената трговија со дрога бара силни институции, добро обучени полициски службеници и истражители и современи истражни капацитети“, истакна министерот Тошковски на средбата.
Министерот ја нагласи важноста на соработката со УНОДЦ, особено во делот на истрагите, следењето на финансиските текови поврзани со криминалот и одземањето на незаконски стекнатиот имот. Според него, борбата против организираниот криминал поврзан со дрога не завршува со полициска акција и заплена, туку истрагите треба да ги опфатат и финансиските текови и имотната корист стекната со криминал.
„Целта не е само да ја откриеме дрогата и сторителите. Мора да ги следиме парите, да го откриваме и одземаме имотот стекнат со криминал и да ги користиме сите законски механизми што ни стојат на располагање“, потенцираше Тошковски.
На средбата била поздравена и поддршката што УНОДЦ, заедно со Амбасадата на САД, ја обезбедува за спроведувањето на Националната стратегија за дроги. Двете страни изразиле подготвеност соработката меѓу Министерството за внатрешни работи и УНОДЦ да продолжи и во наредниот период.
Како конкретен чекор во таа насока, во следните четири дена во Полициската академија ќе се одржи специјализирана обука за истраги поврзани со дрога. Обуката ќе ја опфати истрагата и кривичното гонење, финансиските истраги, одземањето имот и примената на посебни истражни техники.
Средбата се вклопува во пошироките напори на институциите за зајакнување на превенцијата и на репресивниот апарат во справувањето со организираниот криминал поврзан со дрога, при што меѓународната експертска поддршка и координацијата меѓу институциите остануваат клучни алатки во тој процес.