ТФТ со втора победа во Суперлигата, Штип остана без шанса во Тафталиџе

Кошаркарите на ТФТ ја запишаа втората победа во македонската Супер лига, откако во воведниот натпревар од 4. коло на домашен терен го совладаа дебитантот Штип со резултат 84-70. Со тоа штипјани го претрпеа четвртиот последователен пораз во оваа конкуренција.
Избраниците на тренерот Боро Смилковски славеа заслужено, иако гостите одлично го отворија натпреварот и поведоа со 0-8. Сепак, тука како да застанаа, а ТФТ брзо воспостави резултатска рамнотежа и на крајот на првиот квартал имаше и два поени предност.
Решавачка се покажа втората четвртина, која ТФТ ја доби со 11 поени разлика (26-15), па на полувремето домаќините заминаа со предност од 13 поени. Во вториот дел гостите од Штип постојано се обидуваа да ја анулираат негативата, но домаќините тоа не го дозволија и на крајот заслужено славеа.
Четворица кошаркари во победничката екипа имаа двоцифрен број на поени, а најмногу постигна Вајт со 22. Сила заврши со 13 поени, Николов имаше дванаесет, а Луис додаде десет.
Бадијала Камерон Хамилтон заврши како најефикасен на натпреварот со 27 поени, но тоа не беше доволно неговата екипа да го избегне четвртиот пораз.