Тетовскиот грав сè потешко се одгледува: сушата и недостигот од вода ги намалуваат приносите

Традиционалниот тетовски грав, препознатлив земјоделски производ со долгогодишна традиција, сè потешко се одгледува. Земјоделците кои и натаму се занимаваат со негово производство велат дека високите температури и недостигот од вода сериозно влијаат врз приносите, а површините на кои се сее се намалуваат од година во година. Производителите од тетовскиот регион посочуваат дека без сигурно наводнување тешко се обезбедува стабилен род.
Дел од нив денес обработуваат само дел од површините што порано ги користеле за грав, токму поради сушните периоди и проблемите со водоснабдувањето. Според земјоделците, промените во временските услови дополнително го отежнуваат производството. Она што некогаш било вообичаено земјоделско производство во многу домаќинства, денес го практикуваат само мал број производители.
Проблемот, велат тие, не е само во временските услови. Сè помал интерес кај младите за земјоделството значи и помал број луѓе кои сакаат да продолжат со традиционалното производство. „Младината побегна. Нема интерес за земјоделството, а работата е тешка и условите не се добри“, посочуваат земјоделците.
Дел од поранешните производители денес дури и за сопствените потреби гравот го купуваат од продавниците. Според нивните сведоштва, има села во кои речиси и да нема домаќинство што произведува тетовски грав.
Со цел да се поттикне интересот кај младите и да се зачува традицијата на производство, веќе 14 години се организира Меѓукултурниот фестивал „Ден на гравот“. Организаторите преку настанот сакаат да покажат дека младите можат да бидат двигатели на активности во руралните средини и дека со иницијатива и упорност може да се зачуваат локалните земјоделски производи и традиции.
Намалувањето на домашното производство има директно влијание и врз пазарот. Со оглед на ограничените количини, тетовскиот грав станува сè потежок за набавка, а неговата продажна цена расте. Така, производот кој со години бил дел од традиционалната земјоделска и прехранбена култура на тетовскиот регион денес се соочува со сериозен предизвик – како да се обезбеди неговото производство и да се пренесе традицијата на следните генерации.