FinPortal.mk

Термални камери на општинската зграда во Босилово ќе откриваат пожари на депониите во Струмичко

FinPortal.mk  · 
Термални камери на општинската зграда во Босилово ќе откриваат пожари на депониите во Струмичко

Со средства од Европската Унија, преку Програмата за прекугранична соработка, во Босилово ќе биде монтиран систем со термални камери што ќе сигнализираат пожари на депониите во Струмичко. Камерите ќе бидат поставени на општинската зграда во Босилово и, според тендерската документација, треба да покриваат подрачје со радиус од најмалку 15 километри.

Системот ќе сигнализира чад и пожар на депониите во општините Струмица, Босилово и Василево, а информацијата ќе биде пренасочена и до одговорните служби за навремена интервенција уште во раната фаза на пожарот. Целта е да се зајакне соработката на институциите во прекуграничниот регион во областа на превенцијата и раното откривање на пожари, заштитата на животната средина и справувањето со ризиците поврзани со несоодветното управување со отпадот.

Александар Кулишиќ, командир на Територијалната противпожарна единица Радовиш, која исто така е вклучена во проектот, вели дека со ваков систем ќе се добие на време при интервенциите. Според него, пожарите на депониите во регионот обично се пријавуваат во поодмината, односно разгорена фаза, за што мора да се ангажираат и повеќе возила. Со информациите од овој систем, како што објаснува тој, ќе се интервенира уште на почетокот, а од информациите ќе се знае и за која нестандардна депонија се работи.

Станува збор за проектот „Детекција на пожари и засилена мрежа за итни случаи против пожари за отстранување на отпадот“, кој го имплементираат Регионалната асоцијација на агенциите за управување со цврст отпад на Централна Македонија (ФОДСА) од Грција и Центарот за развој на Југоисточниот Плански Регион.

Освен што ќе се инсталира систем и ќе се зајакнат капацитетите на институциите, проектот предвидува и мапирање на сите депонии во Југоистокот. Според изворот, тие ги има речиси во сите населени места, а целта е да се сведат на минимум ризиците што произлегуваат од нив.