FinPortal.mk

Тебас: Односите со Реал Мадрид се непоправливи додека Флорентино Перес е претседател

FinPortal.mk  · 
Тебас: Односите со Реал Мадрид се непоправливи додека Флорентино Перес е претседател

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, изјави дека односите меѓу шпанскиот фудбалски шампионат и Реал Мадрид нема да се подобрат додека на чело на клубот е Флорентино Перес. Тебас пред медиумите зборуваше за полемиката со „кралскиот клуб“, осврнувајќи се и на својата објава на социјалната мрежа „Икс“ од претходниот ден, јавува Спортманија.

Запрашан за официјалното соопштение на Реал Мадрид, првиот човек на Ла Лига беше категоричен. „Ако не бев одговорен, немаше да бидам тука 12 години. Со Реал Мадрид ТВ сме во иста ситуација веќе многу години, а кога работите во клубот ќе тргнат во погрешна насока, тие го критикуваат секој што ќе стигнат, што е срамно. Тоа е недостаток на почит кон сите – кон Ла Лига, кон клубовите и кон навивачите“, изјави Тебас.

Во однос на спорните ситуации од дербито, Тебас истакна дека ја разбира критиката, но не може да прифати тврдења дека првенството е компромитирано. „Некои луѓе очигледно го гледаат потегот на Белингaм со поинакви очила од остатокот од светот. Во никој случај тоа не може да биде црвен картон. Што се однесува до ситуацијата со Канг-Ин Ли, потегот можеше да биде за црвен картон, но не беше толку очигледен како што тврдат некои“, рече тој.

Тебас посебно се осврна на својата релација со Флорентино Перес, нагласувајќи дека таа е непоправлива. „Додека Флорентино Перес е претседател на Реал Мадрид, нашите односи се непоправливи. Проблемот е во моделот на фудбалот што го предлага Флорентино, а ние не го поддржуваме. Ако во иднина има друг претседател, ќе видиме. Воопшто не се согласувам со актуелното раководство, но немам ништо против Реал Мадрид. Тоа е мојот клуб уште од детството“, изјави претседателот на Ла Лига.

Изјавите на Тебас доаѓаат по неколкудневната полемика меѓу Ла Лига и Реал Мадрид, која кулминираше со официјално соопштение од клубот и објава на Тебас на социјалната мрежа „Икс“. Тој потврди дека останува на својот став и дека нема намера да попушта пред критиките што доаѓаат од „кралскиот клуб“.