FinPortal.mk

Светската побарувачка на бакар расте, но рударските капацитети не можат да ја следат — Иловица останува неискористен ресурс

FinPortal.mk  · 
Светската побарувачка на бакар расте, но рударските капацитети не можат да ја следат — Иловица останува неискористен ресурс

Светската побарувачка на бакар расте со забрзано темпо, но постоечките рударски капацитети веќе не можат да ја задоволат, се оценува во анализата „Синтеза на европскиот синџир на снабдување со бакар во рамките на Директивата за критични суровини“ на холандскиот Факултет за инженерство и геологија. Анализата, објавена месецов во стручното списание „ScienceDirect“, посочува дека бакарот е клучен критичен минерал чија растечка побарувачка не може да се покрие само преку рударство, поради што експертите порачуваат веднаш да се свртиме кон рециклирање.

Во анализата се нагласува дека Директивата на Европската Унија за критични суровини има за цел да ја зајакне отпорноста на ресурсите на Унијата преку зголемување на автономијата на снабдувањето со критични суровини преку ископ, преработка и рециклирање во рамките на ЕУ. Со тоа се намалуваат надворешните зависности и се промовира циркуларната економија. Европа во голема мера зависи од увоз на бакар од трети земји, што ја прави оваа тема уште поактуелна.

Студијата издвојува три клучни причини зошто бакарот е од стратешко значење. Прво, неговата клучна улога во современите индустрии, особено во електрификацијата и технологиите за чиста енергија, го прави незаменлив материјал во енергетската транзиција. Второ, тој е еден од металите што најлесно се рециклираат, што го прави еколошки одржлив ресурс, при што рециклираниот, односно секундарниот бакар, не се разликува од примарниот бакар. Трето, се предвидува дека идната побарувачка за бакар ќе го надмине примарното снабдување, бидејќи капацитетите за рударење и преработка нема да бидат доволни за да се задоволат барањата на зелената транзиција.

Поради долгиот временски период потребен за изградба на нови рудници, експертите порачуваат бакарот веднаш да се рециклира. Постапките за издавање дозволи за отворање рудници, постројки за преработка и капацитети за рециклирање, кои претходно беа расцепкани и бавни, сега ќе се спроведуваат по забрзаната процедура за стратешки проекти, што треба да го забрза процесот.

Во контекст на овие европски и светски тенденции, домашните експерти претходно повикаа Македонија да се вклучи во трката за критични минерали и да ги искористи своите ресурси преку воспоставување на одржливо рударство, во согласност со европските стандарди. Тоа беше напоменато и во Стратегијата за минерални суровини 2026-2046, документ што ја црта долгорочната рамка за управување со минералните ресурси на земјата.

Геолозите и инженерите во јавните излагања потврдуваат дека Македонија има големи потврдени капацитети на бакар, особено во Иловица. Во неодамнешна анализа на професори од Универзитетот во Штип се нагласува дека порфириското наоѓалиште на бакар и злато „Иловица-Штука“ останува најголемото наоѓалиште од ваков тип во земјата, што го прави еден од најзначајните неискористени ресурси со кои располага Македонија.

Според анализите, Иловица претставува неискористена можност која, доколку се активира во согласност со европските стандарди за одржливо рударство, би можела да ја зајакне позицијата на земјата во европскиот синџир на снабдување со критични суровини. Со оглед на тоа што побарувачката за бакар постојано расте, а примарното снабдување не може да ја следи, вклучувањето на домашните ресурси во европските текови добива дополнителна тежина.

Заклучокот што произлегува од анализата е јасен: иако рударството само по себе повеќе не е доволно за да ја задоволи светската побарувачка на бакар, комбинацијата од забрзани процедури за стратешки проекти, зголемено рециклирање и активирање на постоечките потврдени наоѓалишта како Иловица може да придонесе кон поголема сигурност во снабдувањето. Останува прашањето дали и колку брзо Македонија ќе успее да го претвори својот геолошки потенцијал во реална економска корист.