Светската банка ја подобри прогнозата за растот на македонската економија на 3,2 отсто за 2026 година

Светската банка предвидува дека македонската економија годинава ќе оствари раст од 3,2 проценти, што претставува зголемување за 0,3 процентни поени во однос на претходните проекции. Оваа информација ја соопшти владината портпаролка Марија Митева, повикувајќи се на најновите извештаи на Светската банка и Европската комисија.
„Ќе започнам со најновиот редовен економски извештај за Западен Балкан на Светската банка, објавен вчера, на 27 октомври, во кој е направена нагорна ревизија на прогнозата за економскиот раст на Македонија во 2026 година. Според овој извештај, Светската банка предвидува македонската економија годинава да оствари раст од 3,2 проценти, што претставува зголемување за 0,3 процентни поени во однос на оние претходни проекции“, изјави Митева.
Според неа, особено е важно што оваа оценка доаѓа во период на сериозни глобални економски предизвици, геополитичка неизвесност, ценовни, но и енергетски притисоци, како и забавена економска активност кај дел од најзначајните трговски партнери на земјата. За Македонија, оцени таа, ова претставува важна оценка за досегашните економски движења, но и јасна насока за политиките кои треба да продолжат во наредниот период.
Оценките на Светската банка се надополнуваат со податоците од најновиот економски извештај на Европската комисија, објавен на 20 октомври, кој покажува дека Македонија во вториот квартал од 2026 година остварила економски раст од 4,3 проценти. Тоа претставува највисока стапка на раст меѓу шесте економии за Западен Балкан. За споредба, просечниот економски раст во регионот изнесува 3,6 проценти.
„Дополнително, македонската економија бележи забрзување на овој раст, од 3,1 процент во првиот квартал на 4,3 проценти во вториот квартал оваа година. Овие податоци добиваат дополнително значење кога ќе се погледне структурата на растот. Според податоците на Државниот завод за статистика, градежништвото во вториот квартал бележи реален раст од 21,9 проценти, преработувачката индустрија од 4,1 процент, а секторот информации и комуникации од 4,3 проценти. Истовремено, бруто-инвестициите бележат номинален раст, додека финалната потрошувачка е зголемена номинално за 7 проценти“, рече Митева.
Според неа, ова се конкретни економски показатели кои говорат за зголемена активност во повеќе значајни сектори. Особено важен, како што истакна, е растот на градежништвото, кој според неа е показател за инвестициска активност и за реализација на капитални проекти.
Владината портпаролка ги оцени овие податоци како позитивни економски сигнали кои доаѓаат од релевантни меѓународни институции и од домашната статистика, нагласувајќи дека тие треба да бидат основа за продолжување на економските политики во наредниот период.