Суша, високи трошоци и геополитика: американските производители на пченица во неизвесна сезона

Цените на пченицата се на највисоко ниво во последните три години, но тоа не значи дека американските земјоделци ќе заработат повеќе. Земјоделецот Мерил Нилсен, кој обработува фарма од 2.500 акри (1.010 хектари) во Канзас, и покрај растот на фјучерс-цените на пченицата за леб од 39 отсто, не е сигурен дали повисоките цени ќе му ја подобрат крајната сметка. Причината е едноставна — трошоците растат побрзо од приходите.
Цената на дизелот, неопходен за работа на неговиот трактор, достигна рекордно високо ниво. Невремето во пролетта му ја уништи целата пченична реколта, а сушата го зафати јужниот дел на Големите рамнини. „Не планираме да засееме повеќе пченица отколку што вообичаено би засеале, или можеби нема да засееме ниту толку. Навистина, ќе мора да видиме што ќе ни донесе времето“, изјави Нилсен.
Комбинацијата од високи трошоци, лоши временски услови и геополитички тензии ги остава американските земјоделци во неизвесна сезона, и покрај повисоките цени на нивните производи. Тоа ги изложува на ризик и потрошувачите — од мелничари и пекари до ресторани и купувачи во продавниците.
Сушите во САД и Европа ја намалуваат реколтата, а прогнозите за „супер“ Ел Нињо годинава носат „алармантни сигнали“ за влијанието врз пченичните посеви, изјави Жоао Лампреја, пазарен стратег во Freedom24 од Лисабон. Според експертите, понудата на пченица во клучните извозни земји е на второто најниско ниво во историјата. Австралиските површини под пченица веќе се намалени за 12 отсто поради очекуваната суша и повисоките трошоци за ѓубриво.
Ел Нињо, сепак, може да донесе и повеќе врнежи во јужниот дел на Големите рамнини наесен и на пролет. За време на последниот голем Ел Нињо во 2015 и 2016 година, САД постигнаа рекорден принос на зимска пченица, потсетува Марк Велч, економист од Универзитетот Тексас А&М. Но дури и ако временските услови бидат подобри од очекуваното, неодамнешните руски напади врз пристанишните капацитети на Црното Море, каде што минува една третина од светската трговија со пченица, дополнително ги нарушија испораките.
Дан Басе, претседател на компанијата за пазарни истражувања AgResource, стравува дека комбинацијата од временски оштетена реколта и геополитички влијанија врз извозот на пченица може да ги турне глобалните цени на храната уште повисоко. Индексот на цените на храната на ФАО при Обединетите нации беше повисок за 2,5 отсто во август во однос на претходната година. „Скокот на цените на пченицата има пипала што одат далеку подалеку од војната меѓу Украинците и Русите. На светот му требаат повеќе собрани површини од секое жито. Сето тоа се одразува во повисоки цени на житото и храната“, вели Басе.
Во блиска иднина, американските земјоделци ќе треба да го покријат дефицитот. Басе очекува засеаните површини со пченица оваа зима да бидат за околу 10 отсто поголеми од лани, бидејќи производителите бараат да ги искористат повисоките цени. Но собраните површини со пченица во САД се на најниско ниво од 1877 година, бидејќи земјоделците наоѓаат повеќе профит во одгледувањето пченка и соја. Една година високи цени веројатно нема да го промени структурниот пад.