FinPortal.mk

Стравот и неинформираноста ги туркаат пациентите кон мито и „врски“ во здравството

FinPortal.mk  · 
Стравот и неинформираноста ги туркаат пациентите кон мито и „врски“ во здравството

Неинформираноста, несигурноста и ранливоста на пациентите, заедно со вкоренетата култура на барање „врски“ и давање мито, ја хранат корупцијата во јавното здравство. Ова беше главниот заклучок од третата јавна трибина насловена „Корупција во здравството – да зборуваме отворено“, која се одржа во Свети Николе, а на која беа презентирани и резултатите од истражување спроведено меѓу жените во реонот на Штип, Свети Николе и Лозово.

Според податоците изнесени на трибината, 60 отсто од жените во овој регион имаат тешкотии при пристапот до здравствени услуги, а речиси 53 отсто се соочуваат со финансиски пречки да ги покријат основните трошоци. Овие бројки, како што беше нагласено, откриваат директна врска меѓу сиромаштијата, местото на живеење и пристапот до здравствена заштита.

Ирина Поцкова од Граѓанската иницијатива на жени – Свети Николе, која беше еден од организаторите на настанот, истакна дека резултатите од истражувањето покажуваат дека жена која живее во село и се соочува со финансиски тешкотии е многу повеќе изложена на неправилности и злоупотреби. Според неа, ваквата состојба често води до ситуации во кои пациентката чувствува дека нема друг избор освен да плати, да побара врски или целосно да се откаже од потребната здравствена услуга.

На трибината учествуваше и доктор Горан Андонов, специјалист по медицина на труд, кој проблемот со корупцијата во здравството го опиша како комбинација од повеќе фактори. Тој ги наведе нискиот степен на информираност, недостигот на кадар и недоволниот надзор како клучни причини што создаваат простор за злоупотреби. „Ако правилата не се јасни, ако листите на чекање не се транспарентни, ако пациентот не знае кому да се обрати и ако контролата е слаба, тогаш се создава простор некој поединец да ја злоупотреби таа ситуација“, рече Андонов.

Тој дополнително нагласи дека борбата против корупцијата не може да се сведе само на пронаоѓање и казнување на поединецот, туку дека мора да се намалат и условите во кои таквото однесување може да се појави. Според него, неопходни се сеопфатни мерки кои ќе ги вклучат и пациентите, и здравствените работници, и надлежните институции, сè со цел намалување на коруптивните практики во здравствениот систем.

Јавната трибина се одржа во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“, кој го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ. Како дел од проектот беа спроведени истражувања и фокус групи со граѓани и со здравствени работници, чии наоди послужија како основа за дискусијата на трибината во Свети Николе.

Заклучоците од настанот упатуваат на тоа дека корупцијата во здравството не е изолиран проблем на поединци, туку системска појава која се храни од стравот, неинформираноста и економската ранливост на пациентите. Оттука, како што беше истакнато, решенијата мора да бидат системски и да опфатат повеќе чинители истовремено – од транспарентни листи на чекање и јасни правила, до зајакнат надзор и поголема информираност на граѓаните за нивните права.