FinPortal.mk

Стојановски на Visa форумот во Белград: Иднината на банкарството е во животот на клиентот, не во процесите на банката

FinPortal.mk  · 
Стојановски на Visa форумот во Белград: Иднината на банкарството е во животот на клиентот, не во процесите на банката

Банкарството во следната деценија нема да го обликува само технологијата, туку пред сè начинот на кој таа ќе го промени однесувањето на клиентите. Ова беше главната порака на Тони Стојановски, претседател на Управниот одбор на НЛБ Банка Скопје, кој говореше на неодамнешниот Visa Форум во Белград, посветен на иднината на банкарството. На форумот, каде што се отворија клучните прашања за тоа како ќе изгледа банкарскиот сектор во наредните години и дали банките ќе успеат да ги следат навиките на клиентите кои се менуваат сè побрзо, Стојановски ја истакна новата улога на банките во време на дигитална трансформација, инстант плаќања и растечки очекувања.

Според Стојановски, клиентите можеби не секогаш ги изразуваат своите очекувања со банкарска терминологија, но нивното однесување испраќа многу јасна порака. Во време кога луѓето секојдневно користат дигитални услуги што поставуваат високи стандарди за брзина, едноставност и персонализација, банките веќе не се споредуваат само меѓусебно, туку со најдобрите дигитални искуства на клиентите во трговијата, телекомуникациите, туризмот и логистиката. Токму затоа, како што нагласи тој, клучното прашање за банките повеќе не е дали можат да воведат уште една дигитална функционалност.

„Вистинското прашање е дали можеме да го редизајнираме банкарството околу приоритетите на клиентите, околу начинот на кој луѓето живеат, како функционираат бизнисите и како се носат одлуките“, порача Стојановски на форумот. Тој посочи дека довербата останува една од најсилните предности на банките, но во новата реалност таа мора да биде поддржана со подобри податоци, поинтуитивни канали и побрза реализација.

Во своето обраќање, Стојановски ја постави трансформацијата на банкарството и во поширокиот контекст на Југоисточна Европа, регион чија сила лежи во отпорноста, адаптибилноста и претприемачкиот капацитет. НЛБ Банка Скопје е дел од Групација која е силно позиционирана на овие пазари и го гради својот развој врз комбинација од регионална поврзаност, дигитална трансформација, одговорно финансирање и длабоко разбирање на локалните потреби.

„Нашата предност е што не гледаме на регионот само како на пазар, туку како на простор со реален потенцијал, со луѓе, компании и заедници на кои им е потребен партнер што ги разбира нивните секојдневни предизвици“, порача Стојановски. Неговото обраќање на Visa форумот во Белград ја нагласи потребата банките да се прилагодат на новите очекувања на клиентите и да го стават нивниот живот во центарот на своето работење, наместо внатрешните процеси, како главен водич за развој во наредната деценија.