Стан од 50 квадрати во Центар достигна цена од 168.000 евра

Највисоката цена на станбен простор во земјава е евидентирана во скопската општина Центар, каде што квадратен метар е продаден за 206.640 денари, односно околу 3.360 евра. Станот има површина од 50 квадратни метри и е продаден за вкупно 168.000 евра, што претставува најскапата регистрирана трансакција со станбен простор во анализираниот период.
Според податоците од пазарот на недвижности, во Центар е забележана и највисоката просечна цена на становите од стара градба, која изнесува 1.547 евра за квадратен метар. Оваа општина се издвојува и по вкупната вредност на купопродажбите, која достигнала 78,3 милиони евра, што ја става веднаш зад општина Аеродром како втор најактивен пазар во главниот град.
Општина Аеродром има највисока вкупна вредност на купопродажбите со 83,8 милиони евра и раст од 75 отсто во однос на претходниот период. По неа следуваат Центар со 78,3 милиони евра и Карпош со 62,8 милиони евра, додека во Гази Баба вредноста на реализираните трансакции достигнала 53,6 милиони евра.
На ниво на целата земја, становите се на врвот според бројот на купопродажби со вкупно 3.746 трансакции, што претставува 32,9 отсто од вкупниот број. Речиси ист удел имаат земјоделското земјиште и шумите со 3.703 купопродажби или 32,5 отсто од вкупниот број трансакции. Потоа следуваат куќите со 1.424 купопродажби и градежното земјиште со 1.366 трансакции.
Овие четири категории заедно сочинуваат 89,9 отсто од сите регистрирани купопродажби. Деловните простори имаат 485 купопродажби, гаражите 354, останатите недвижности 282, а индустријата 35 трансакции.
Кога станува збор за вкупната вредност на реализираните трансакции, становите повторно се на прво место со 289,1 милиони евра. Куќите достигнале 101 милион евра, деловните простори 98,3 милиони евра, а градежното земјиште 52,6 милиони евра. Кај земјоделското земјиште и шумите се реализирани купопродажби вредни 39,9 милиони евра, кај индустријата 21,5 милиони евра, кај останатите недвижности 20,9 милиони евра, а кај гаражите 2,4 милиони евра.
Најголем раст на вредноста во однос на претходната година е забележан кај деловните простори, каде што прометот пораснал за 80,7 отсто, односно од 54,4 на 98,3 милиони евра. Единствено кај земјоделското земјште и шумите има намалување, од 41,7 на 39,9 милиони евра, што претставува пад од 4,3 отсто.
Вкупниот број трансакции во првата половина од годината е зголемен за 2,2 отсто во споредба со истиот период лани. Во однос на првата половина од 2024 година, кога вредноста на купопродажбите изнесувала 446,9 милиони евра, растот достигнал 40 отсто. Најактивен месец бил април со 2.902 трансакции, а најмал број е регистриран во јануари со 2.246 трансакции.
Од вкупниот број купопродажби, 9.369 се продажби на недвижности, 1.718 се продажби од инвеститор, 281 се откупи од државата, а 27 се продажби на лицитација. Најголем процентуален раст на вредноста е забележан во Гостивар со 81 отсто, пред Куманово со 77 отсто, Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто и Бутел со 64 отсто. Пад е регистриран во Струга од 24 отсто, Тетово 21 отсто, Струмица 17 отсто и Кисела Вода 16 отсто.
Највисоката цена за куќа достигнала 1,5 милиони евра во Карпош, додека најскапиот деловен простор е продаден во Аеродром за 6.798.924 евра. Овие податоци ја потврдуваат доминацијата на скопските општини на пазарот на недвижности, каде што Центар останува најпрестижна локација за станбен простор со највисоки цени за квадратен метар.