FinPortal.mk

ССКМ: Наместо кратење на празниците, да се зголеми продуктивноста и да се плаќа по работен час

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
ССКМ: Наместо кратење на празниците, да се зголеми продуктивноста и да се плаќа по работен час

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССКМ) не се согласува со предлогот за намалување на бројот на празници и смета дека напорите треба да бидат насочени кон зголемување на продуктивноста. Како една од опциите за која треба да се отвори поширока дискусија ја посочуваат исплатата на работниците според одработените часови, по примерот на развиените пазарни економии.

Претседателот на ССКМ, Горан Ѓорѓиевски, оценува дека во земјава има вредни и посветени работници, поради што, според него, намалувањето на празниците не треба да биде приоритет. „Македонија има вредни, посветени и чесни луѓе кои сакаат да работат. Затоа, нашиот фокус не треба да биде на намалување на празниците. Нашиот таргет е како да се зголеми продуктивноста. Во таа насока, би сакал да отворам прашање за кое сметам дека треба да се дискутира и во иднина, а тоа е плаќањето по работен час, по примерот на развиените пазарни економии“, вели Ѓорѓиевски.

Според ССКМ, ваквиот модел би можел да ги поттикне продуктивните работници да заработуваат повеќе, а истовремено да овозможи поголема флексибилност во организацијата на работното време. Како пример, Ѓорѓиевски посочува дека работниците би можеле да работат различен број часови во текот на деновите, во зависност од потребите и можностите. Ова, според него, би било особено корисно за родителите, вклучително и мајките, кои треба да ги усогласат професионалните и семејните обврски.

Тој додава дека различни модели на часовна исплата се применуваат во Соединетите Американски Држави и во дел од европските земји, оценувајќи дека е потребно да се разгледа можноста за соодветна примена и во Македонија. Ставот на ССКМ Ѓорѓиевски го изнесе пред почетокот на денешната тркалезна маса на тема „Посилен глас на бизнисот за реформите“.

Од Владата велат дека исплатата според одработените часови е една од опциите што треба дополнително да се анализираат, со цел зголемување на продуктивноста и во јавниот и во приватниот сектор. Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, посочува дека прашањето било разгледувано повеќепати и дека е потребно да се проучат искуствата од поразвиените земји, каде што надоместокот за труд може да се организира и врз основа на одработените часови.

Според изнесените ставови, дискусијата за организирање на плаќањето по работен час останува отворена, а ССКМ смета дека токму зголемувањето на продуктивноста, а не кратењето на празниците, треба да биде главниот фокус на економските политики.