FinPortal.mk

Специјална техника со арматурни кафези од 30 тони ја стабилизира нестабилната почва на автопатот Кичево – Охрид кај Ботун

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Специјална техника со арматурни кафези од 30 тони ја стабилизира нестабилната почва на автопатот Кичево – Охрид кај Ботун

На делницата кај селото Ботун од автопатот Кичево – Охрид се применува специјална техника за стабилизација на земјиштето, со која под земја се создава цврста конструкција што треба да ја обезбеди стабилноста на основата на автопатот. Ова го изјави денеска министерот за транспорт и врски и вицепремиер, Александар Николоски, кој заедно со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, изврши увид во работите на стабилизација на косините на трасата кај Ботун.

Николоски појасни дека станува збор за дел од трасата со исклучително нестабилно земјиште, дополнително оптоварено со присуство на вода, поради што неговата изградба е значително посложена во споредба со другиот дел од автопатот. „Има работи што можеме да ги направиме и работи што не можеме да ги смениме. Она што не можеме да го смениме е земјата. Околу вас можете да видите дека ќе се работи за црна графитна земја, која е најнестабилна земја што воопшто може да се најде. Тука дополнително има многу вода, што може да се види по вегетацијата и кога водата ќе се спои со графитот, тогаш станува каша и нема никаква стабилност“, рече Николоски.

Министерот посочи дека уште во 2024 година биле ангажирани домашни експерти, професори и најискусни стручни лица, во соработка со светски научници и експерти, кои применувале вакви решенија во други делови од светот, како и со експерти од „Синохидро“. „Решението го имаме зад нас. Стабилизацијата ќе оди со една специјална техника, која потоа ќе биде скриена од автопатот, па, за жал, никој повеќе нема да може да ја види и затоа сакавме денес да ја презентираме“, рече Николоски.

Тој објасни дека во зафатот за стабилизација се ангажирани три машини, кои тежат по 130 тони, со најава дека ќе бидат донесени уште две до пет такви машини. Машините навлегуваат во земјата на длабочина од 20 до 28 метри, што, како што рече Николоски, одговара на висината на зграда од седум до 11 ката. Во земјата се поставуваат арматурни кафези, од кои секој тежи 30-ина тони, а потоа се полнат со бетон.

„Помеѓу нив има цевки и челични јажиња, кои ги држат едните со другите, и практично под земјата создаваме една целосна структура, која треба да ја држи основата на автопатот“, објасни Николоски. Тој рече дека такви решенија вкупно ќе бидат применети на 250 места на автопатот Кичево – Охрид.