FinPortal.mk

Советници на СДСМ од Пробиштип: Просторниот план на Владата носи рудници во заштитени подрачја и социјален колапс

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Советници на СДСМ од Пробиштип: Просторниот план на Владата носи рудници во заштитени подрачја и социјален колапс

Советниците на СДСМ од источниот дел на Македонија повторно го кренаа гласот против рудниците што, како што тврдат, претставуваат закана за здравјето на граѓаните, за земјоделството и за животната средина. На денешната јавна расправа тие отворено и аргументирано се спротивставија на новиот Нацрт-план за просторно планирање на Владата на Мицкоски, изјави Весна Ристовска, координатор на советничката група во општина Пробиштип на СДСМ.

Ристовска истакна дека планираниот рудник во планинскиот предел Кадиица се наоѓа во заштитениот предел на Малешвијата, кој е дом на специфични ендемски видови растенија. Таа постави прашање како е можно да се планираат рудници во заштитени подрачја без јасно да се прикаже влијанието врз природата и луѓето и зошто не е приложена карта на која јасно ќе се види преклопувањето на Кадиица со зоните на Малешево, водните извори, земјоделското земјиште, населените места и туристичките локалитети.

Според неа, рударските активности ќе ги загрозат водата, земјиштето и здравјето на граѓаните. Таа додаде дека отворањето рудник за метали на Плавица носи ризик од долгорочна еколошка катастрофа, вклучително потенцијално загадување на подземните и површинските води, уништување на биодиверзитетот и директна закана за здравјето на граѓаните.

Ристовска предупреди и на демографските последици предвидени во просторниот план, според кој Општина Пробиштип до 2040 година ќе изгуби дури 29,4 отсто од населението и ќе се соочи со социјален колапс. Таа рече дека документот предвидува масовно иселување, а како решение за град што се празни се нуди нов површински коп за метали, при што праша за кого тогаш ќе се отвора овој рудник и кој ќе работи во него, дали за увезена работна рака од Непал или Бангладеш.

Таа потсети дека Пробиштип е ставен во заштитениот предел на Осоговските Планини и праша како тогаш ќе се усогласат заштитата на природата и тешката рударска индустрија во истиот простор. Дополнително, според неа, во планот јасно се наведува дека за постојното јаловиште од рудникот Злетово се потребни итни мерки за рекултивација и процена на здравствениот ризик за граѓаните.

Ристовска го постави и прашањето како Владата планира нова рударска експанзија со дури 90 милиони тони руда на Плавица, кога претходно не е санирана и отстранета постојната еколошка штета во Пробиштип. Како најзагрижувачки дел од планот таа го посочи проекцијата дека вкупната површина под експлоатација на критични минерали во државата до 2040 година ќе се зголеми пет пати, односно од два на десет квадратни километри.

Според изнесеното на јавната расправа, советниците на СДСМ од истокот сметаат дека ваквиот просторен план не смее да помине без јасна проценка на влијанието врз природата, водата, земјоделското земјиште и здравјето на луѓето, ниту без претходно санирање на постојната еколошка штета. Тие порачаа дека Македонија не е на продажба и дека ќе продолжат да се спротивставуваат на рударската експанзија во заштитените и земјоделските подрачја.