Соланки со капитенска лента и гол на „Олд Трафорд“: Можев да постигнам хет-трик

Доминик Соланки за првпат ја носеше капитенската лента како играч на Тотенхем, а своето деби како капитен го одбележа со гол во дербито против Јунајтед на „Олд Трафорд“. Напаѓачот прерасна во јунак на својот тим, иако во претходниот тек на мечот пропушти неколку големи шанси да му донесе предност на Тотенхем.
Добрата реакција на Соланки во дуелот со Лисандо Мартинес на крајот донесе бод за Тотенхем во дерби пресметката. По избореното реми во самата завршница, при што Тотенхем заврши со 10 фудбалери на теренот, Соланки призна дека имал можност натпреварот да го заврши со хет-трик зад своето име.
„Во првото полувреме доминиравме во секој фудбалски елемент и требаше да профитираме од тоа. За жал, не бевме доволно ефикасни во завршницата – приказна што не следи од стартот на сезоната. Можевме да имаме предност од неколку гола, но сепак на крајот го прифаќаме освоениот бод“, изјави Соланки.
Тој истакна дека го радува покажаниот карактер во завршницата, бидејќи во неколку наврати претходно тимот не реагирал соодветно кога губел, но сега покажал борбеност и цврстина. „Требаше да постигнам хет-трик од шансите кои ги имав, едноставно не бев доволно прецизен во завршницата. Свесен сум за тоа, но ќе продолжам да се трудам“, додаде тој.
Соланки објасни дека доаѓал до вистински позиции за да постигне гол, што според него значи дека создава опции и за своите соиграчи. „Ова е првпат да бидам капитен на еден голем клуб, а фактот што постигнав гол ќе направи овој меч да го паметам до крајот на кариерата. Ова е основа за понатамошен напредок како тим. Не бевме на потребното ниво од стартот, но се надевам дека ова е почеток на нешто добро“, изјави Соланки.
Тотенхем со ова реми го продолжи периодот без пораз, а Соланки со својот гол и капитенската улога го означи моментот што ќе го памети како еден од најзначајните во неговата кариера. Иако пропуштените шанси остануваат причина за жалење, реакцијата во финишот и освоениот бод на тешкото гостување му даваат на тимот основа за понатамошни натпревари.