Собраниска делегација во Ријад: Северна Македонија гледа значителен потенцијал за туристичка соработка со Саудиска Арабија

Делегација на Собранието на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, престојува во официјална посета на Ријад, Кралството Саудиска Арабија, каде што беше оценето дека постои значителен потенцијал за унапредување на соработката меѓу двете држави, особено во областа на туризмот.
Во составот на делегацијата се и пратениците Никола Мицевски, координатор на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Спасовски, координатор на СДСМ, како и Аднан Азизи, претседател на Пратеничката група за соработка со парламентите на земјите од Блискиот Исток и Арапскиот Залив.
Во рамките на посетата, делегацијата предводена од претседателот на Собранието оствари средба со претседателот на Советот на Шурата на Кралството Саудиска Арабија, Абдула бин Мохамед бин Ибрахим Ал Ал-Шеик.
На средбата, Гаши изразил искрена благодарност за топлото гостопримство и истакнал дека Република Северна Македонија придава исклучително значење на односите со Кралството Саудиска Арабија и останува цврсто посветена на натамошното зајакнување на партнерството меѓу двете држави, кое се темели на меѓусебна почит, пријателство и заедничка посветеност кон мирот, стабилноста и просперитетот.
Тој изразил почит кон извонредните достигнувања на Кралството во рамките на „Визија 2030“, која преку амбициозна агенда за трансформација на Саудиска Арабија напредува во економската диверзификација, иновациите, модернизацијата и одржливиот развој.
Претседателот Гаши укажал дека меѓу двете држави постојат значителни можности за продлабочување на соработката во голем број приоритетни сектори, вклучувајќи инвестиции, енергетика, туризам, земјоделство, технологија и трговија, соопштија од Собранието.
Сепак, било оценето дека економската соработка останува централен столб на билатералните односи и дека нашата држава става посебен акцент на промоцијата на инвестициите и дигиталната трансформација, односно развој на сектори кои нудат значителен потенцијал за меѓусебно корисно партнерство меѓу двете држави.
„Република Северна Македонија гледа значителен потенцијал за унапредување на соработката во туризмот, за што е потребен засилен ангажман меѓу соодветните институции и засегнатите страни од приватниот сектор, пред сè преку олеснување на визниот режим меѓу двете држави и воспоставување на директна воздушна поврзаност меѓу Саудиска Арабија и Република Северна Македонија, што би значело чекор напред во промовирањето на туризмот, деловната соработка и контактите меѓу луѓето“, се наведува во соопштението од Собранието.
Од Собранието потврдија дека посетата на Ријад е дел од напорите за продлабочување на билатералните односи и отворање нови можности за соработка во секторите што нудат најголем потенцијал за двете држави.