Собранието расправа за измени на Кривичниот законик со кои се намалуваат ризиците од членството во СЕПА

На дневниот ред на 129. собраниска седница се најде предлог за измени и дополнување на Кривичниот законик, којшто се разгледува по скратена постапка, а чија цел е намалување на ризиците поврзани со членството на Македонија во Единствената европска платежна зона (СЕПА). Според предложениот законски текст, измените треба да ги отстранат слабостите во постојните одредби и да го усогласат домашното законодавство со препораките на Меѓународната финансиска акциона група за спречување перење пари (ФАТФ).
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски, образложувајќи ги измените пред собраниската сала, оцени дека станува збор за мала интервенција во Кривичниот законик, додека новиот закон на којшто се работи денеска ќе биде испратен на мислење до Европската комисија. Тој појасни дека измените се однесуваат само на една цел — намалување на ризиците поврзани со членството на Македонија во СЕПА, единствената европска платежна зона, што, како што рече, веќе е остварено пред една година.
Милошоски нагласи дека членството во СЕПА е многу корисно за македонските стопанственици и за граѓаните, бидејќи обезбедува брзо и поекономично тргување со сите земји членки на Европската Унија и со земјите членки на Европската економска област. Според него, препораката за овие измени е дадена уште во мај 2023 година од експертската група Moneyval за спречување перење пари и финансирање тероризам при Советот на Европа.
Предложените измени, како што објасни пратеникот, ќе ги зајакнат одредбите што се однесуваат на конфискација на имот и на финансирање тероризам, како и членовите што имаат надлежност за делото перење пари. Целта на овие законски решенија е отстранување на слабостите во постојните одредби и постапување согласно Извештајот од спроведената евалуација на системот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам, усвоен од страна на Комитетот Moneyval во 2023 година, заради усогласување со Препораките на ФАТФ.
Милошоски побара поддршка од сите пратеници за носење на измените, коишто се разгледуваат по скратена постапка на денешната собраниска седница. Со усвојувањето на овие одредби, како што беше наведено во образложението, дополнително ќе се зајакне правната рамка што ја покрива областа на спречување перење пари и финансирање тероризам, што е од значење за одржување на статусот на земјата во единствената европска платежна зона.