FinPortal.mk

Собранието домаќин на тркалезна маса за родовиот паритет и дигиталното насилство врз жените во политиката

FinPortal.mk  · 
Собранието домаќин на тркалезна маса за родовиот паритет и дигиталното насилство врз жените во политиката

Во Големата Купола во Собранието денеска и утре ќе се одржи тркалезна маса на тема „Унапредување на родовиот паритет и борба против дигиталното насилство врз жените во политиката во Северна Македонија“, на која ќе учествуваат повеќе засегнати страни. Настанот е во организација на Собранието и Интерпарламентарната унија (ИПУ), со поддршка од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), во рамките на Проектот за поддршка на политичкото учество на жените во парламентот и преку неговото дејствување.

Воведни излагања на тркалезната маса ќе имаат претседателот на Собранието, Африм Гаши, Синтија Лопез Кастро, сенаторка и претседателка на Бирото на жени парламентарки при ИПУ од Мексико, Јована Тренчевска, претседателка на Клубот на пратенички на Собранието, како и Жаклина Пешевска, претседателка на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите.

Во рамките на првата сесија, насловена „Родов паритет во парламентот и политиката: меѓународни, регионални и национални рамки“, учесниците ќе се осврнат на напредокот постигнат во остварувањето на родовиот паритет, вклучително и преку спроведувањето на Акцискиот план на ИПУ за родов паритет во парламентите. Во разговор со панел од експерти, учесниците ќе ги разгледаат меѓународните, регионалните и националните рамки што придонесуваат за унапредување на родовиот паритет во политичкото учество и на лидерските позиции. Тие ќе ја разгледаат и состојбата во Северна Македонија, со посебен осврт на постигнатиот напредок и на предизвиците што сè уште остануваат.

Втората сесија е посветена на темата „Пречки на патот кон родов паритет: стереотипите и негативните општествени норми во фокусот“. На неа учесниците ќе разговараат за стереотипите и негативните општествени норми што го обликуваат политичкиот пат на жените и го попречуваат нивниот напредок кон постигнување родов паритет. Ќе се разговара и за тоа како родовите стереотипи, во комбинација со други фактори, можат особено неповолно да влијаат врз жените од различна возраст и етничка припадност, жените од домородните заедници, жените со попреченост, мигрантките и жените со друг статус, и да го ограничат нивниот пристап до парламентот, како и до други лидерски позиции и позиции на одлучување во политиката.

Со помош на практични вежби и алатки, учесниците на втората сесија ќе утврдат начини и стратегии за справување со стереотипите и општествените норми што го ограничуваат политичкото учество и лидерството на жените. Тркалезната маса е замислена како простор за размена на искуства и за заедничко дефинирање на предизвиците со кои се соочуваат жените во политичкиот живот, а нејзиниот фокус е ставен и на дигиталното насилство како современа пречка за нивното рамноправно учество.

Настанот се одржува во период кога прашањето за родовата рамноправност во институциите и за заштитата на жените од насилство во дигиталниот простор останува високо на агендата на меѓународните организации, а Собранието преку ваквите средби ја потврдува својата улога како платформа за дијалог меѓу домашните и меѓународните чинители.