FinPortal.mk

30.10.2026 - Скопски Пазар АД Скопје - Други ценовно чувствителни информации

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 

Скопски пазар АД Скопје за периодот јануари – септември 2026 година оствари позитивен финансиски резултат искажан во консолидираниот неревидиран Биланс на успех, соопшти друштвото преку Македонската берза.

Според објавените податоци, вкупните консолидирани приходи во периодот изнесуваат 505.044 илјади денари, додека вкупните консолидирани расходи се 384.375 илјади денари. Консолидираната нето добивка за периодот јануари – септември 2026 година изнесува 120.669 илјади денари.

Оперативните приходи за периодот на известување достигнаа 503.730 илјади денари, а оперативните расходи 342.914 илјади денари. Финансиските приходи изнесуваат 1.314 илјади денари, додека финансиските расходи се значително повисоки и изнесуваат 41.461 илјади денари. Оперативната добивка за периодот е 160.816 илјади денари.

Од друштвото наведуваат дека во периодот од 1 јануари до 30 септември 2026 година нема промени во сметководствените политики и методите на вреднување на позициите во финансиските извештаи. Од 1 јануари 2025 година друштвото почнало со примена на регулативата поврзана со сметководствените стандарди, со посебен акцент на МСФИ 15 и МСФИ 16, но без промени во сопствените сметководствени политики, бидејќи не генерира приходи со идно извршување, ниту има објекти и опрема на долгорочен наем што ги користи за извршување на дејноста. Со состојба на 31 декември 2025 година извршено е повторно мерење на објективната вредност на вложувањата во недвижности, а ефектот од нејзината промена е евидентиран како вредносно усогласување на нетековни средства за периодот.

Во однос на дивидендата, на редовното Годишно собрание во мај 2026 година не беше донесена одлука за распределба на остварената нето добивка за 2025 година. Од почетокот на годината до датумот на објава на образложението, друштвото нема извршено исплата на дивиденда.

Што се однесува до инвестициите, во наведениот период нема вложувања, продажба или отпис на материјални средства што претставуваат повеќе од 30 отсто од вкупната вредност на средствата на друштвото. Извршени се вложувања во објектите што друштвата, како дел од групата, ги користат за извршување на својата дејност, но нивната вредност не е голема споредено со вкупната вредност на средствата на друштвото. Нема и промени во кредитните задолжувања што претставуваат повеќе од 30 отсто од вкупната вредност на средствата.

Од друштвото наведуваат дека групата во периодот за кој известува во најголем дел го реализирала интерниот план со утврдената динамика. Во наредниот период се очекува продолжување на исполнувањето на планот по утврдената динамика и продолжување со вложувања во основните средства согласно потребите и моменталната финансиска ликвидност.