Скопје меѓу најбрзорастечките аеродроми во Европа: сообраќајот скокна 34,8 отсто во август

Патничкиот воздушен сообраќај на аеродромите во Северна Македонија во август 2026 година пораснал за 34,8 отсто во однос на истиот месец минатата година, покажува најновиот извештај на ACI EUROPE. Со овој резултат, земјава се најде меѓу европските пазари со најголем раст на патничкиот воздушен сообраќај, односно меѓу пазарите надвор од ЕУ+ со највисок раст во август.
Особено се издвојува Меѓународниот аеродром Скопје, кој е меѓу најбрзорастечките средни аеродроми во Европа во август. Во категоријата аеродроми со меѓу еден и 10 милиони патници, Скопје забележал раст од 34,8 отсто и се најде на четвртото место според стапката на раст. Пред него се Братислава со 75,9 отсто, Трапани со 52,3 отсто и Подгорица со 47,6 отсто, додека Палермо е зад Скопје со раст од 32,3 отсто.
На ниво на Европа, патничкиот воздушен сообраќај во август пораснал за 3,1 отсто во однос на август 2025 година. Кај аеродромите надвор од ЕУ+ растот бил значително поголем и изнесувал 6 отсто, додека во ЕУ+ пазарот е забележан раст од 2,5 отсто. Пред Северна Македонија во рамките на ЕУ+ се наоѓа Словачка со раст од 61 отсто.
Во август, најголем раст надвор од ЕУ+ покрај Северна Македонија забележале Црна Гора со 28,6 отсто, Албанија со 20,7 отсто, Израел со 19,5 отсто, Ерменија со 14,2 отсто, Молдавија со 12,6 отсто и Узбекистан со 10,5 отсто.
Од ACI EUROPE посочуваат дека летниот раст покажува дека побарувачката за авионски превоз останува силна и покрај геополитичките тензии, повисоките цени на авионските билети, ограничувањата во понудата и влошените економски услови. Сепак, организацијата предупредува дека геополитичките случувања сè повеќе влијаат врз перформансите на националните пазари.
Дополнителен притисок во претстојниот период може да создадат и повисоките цени на авионското гориво, што би можело да доведе до намалување на капацитетите и повисоки цени на билетите, наведуваат од ACI EUROPE.
Извештајот на ACI EUROPE е објавен на 30 септември и ги споредува податоците за август 2026 година со август 2025 година.