Скопје домаќин на MicroBalkans 2026: Регионална дискусија за иднината на микрофинансирањето и кредитирањето

Скопје од 24 до 25 септември ќе биде домаќин на регионалната конференција MicroBalkans 2026, која по Сараево и Дубровник, во главниот град на Северна Македонија ја носи дискусијата за иднината на кредитирањето, микрофинансирањето и новите модели на финансирање. Настанот, кој се одржува под мотото „Lending Reimagined“, ќе обедини над 200 учесници од повеќе од 15 земји, со цел да ги поврзе финансиските институции, инвеститорите, регулаторите, претприемачите и експертите од земјата, регионот и Европа.
Како што најавуваат организаторите, фокусот на конференцијата ќе биде ставен на неколку клучни прашања: како ќе изгледа финансирањето на бизнисите во иднина, кои можности ги отвораат дигитализацијата, финтек иновациите и алтернативните модели на финансирање, како и како да се олесни пристапот до капитал за граѓаните, претприемачите и микро, малите и средните претпријатија во услови кога сè потешко се доаѓа до средства преку традиционалните извори на финансирање.
На конференцијата свое воведно обраќање ќе има проф. д-р Трајко Славески, гувернер на Народната банка на Република Северна Македонија. Во својата изјава тој истакна дека финансискиот сектор има значајна улога во економскиот развој преку насочување на капиталот кон продуктивни инвестиции и претприемништво. „Во услови на забрзана дигитализација и технолошки развој, финансискиот систем се трансформира, што бара навремено следење на новите трендови и ризици. MicroBalkans 2026 е значајна можност за размена на искуства за новите модели на финансирање, дигитализацијата и примената на новите технологии, како и за продлабочување на регионалната соработка. За Народната банка, развојот на стабилен, сигурен и ефикасен финансиски систем, усогласен со европските и меѓународните стандарди, останува приоритет“, посочува Славески.
Во официјалниот дел и на церемонијата на отворање, свои обраќања ќе имаат и Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација, Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија, и Никола Јошевски, претседател на Групацијата на небанкарски финансиски друштва.
Според најавите, MicroBalkans 2026 се профилира како значајна регионална средба и за младите претприемачи, основачите на стартапи, сопствениците на микро, мали и средни претпријатија, како и за професионалците од банкарскиот, небанкарскиот, финтек и ИТ секторот кои сакаат да ги следат најновите трендови и да откријат нови можности за раст и соработка.
Конференцијата доаѓа во момент кога пристапот до традиционалните извори на финансирање станува сè потежок за голем дел од претприемачите и граѓаните, што ја прави дискусијата за алтернативните модели на финансирање, дигитализацијата и финтек иновациите особено актуелна. Останува уште една недела до почетокот на настанот, кој ќе се одржи во Скопје на 24 и 25 септември.