Скопје домаќин на јубилејниот десетти Меѓународен научен конгрес ICON BEST 2026

Универзитетот „Скопје“ е домаќин на десеттото јубилејно издание на Меѓународниот научен конгрес ICON BEST 2026, кој се одржува под мотото „Дигитални хоризонти: Паметна економија и интелигентен туризам“. На конгресот учествуваат десет ректори, претставници од 20 држави и повеќе од 100 учесници, кои ги обединуваат научниците, академските лидери и меѓународните експерти во дискусија за влијанието на вештачката интелигенција, дигитализацијата и технолошките иновации врз економијата, туризмот и образованието.
Според соопштението на Универзитетот „Скопје“, посебен акцент на конгресот е ставен на меѓународната соработка и поврзувањето на академската заедница со бизнис-секторот. Конгресот свечено го отвори ректорот на Универзитетот „Скопје“, проф. д-р Аце Миленковски, кој им посака добредојде на меѓународните гости и учесници, истакнувајќи го значењето на научната размена, современото образование и меѓународното академско поврзување.
Меѓу истакнатите учесници на конгресот се проф. д-р Иво Јосиповиќ, поранешен претседател на Република Хрватска, проф. д-р Александар Зиданшек, проф. д-р Орхан Хикмет Азизоглу, проф. д-р Антонио Карлес, проф. д-р Едуардо М. Пичирили и Јоланда Пердомо, меѓународен експерт за туризам и поранешен висок функционер на Светската туристичка организација на Обединетите нации.
Поранешниот претседател на Република Хрватска, проф. д-р Иво Јосиповиќ, говорејќи за иднината на Европа, ја истакна потребата од европско единство, поголема конкурентност и посилна соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот. „Европа мора да биде силна и сигурна, само обединета може да биде конкурентна на светот. За македонската економија да ги почувствува бенефитите и да биде дел од Европа, мора да има соработка меѓу академската заедница и бизнис-секторот“, порача Јосиповиќ во своето обраќање пред присутните.
Јоланда Пердомо во своето обраќање ја нагласи сè поголемата улога на технологијата во развојот на услугите и индустриите со најбрз раст. „Технологијата станува клучен дел од услугите што ги нудат компаниите во најбрзо растечките индустрии“, истакна Пердомо, посочувајќи ја важноста на следењето на технолошките промени и приспособувањето кон новите потреби на пазарот.
За предизвиците во образованието говореше проф. д-р Антонио Карлес, меѓународен експерт за квалитет во туристичкото образование, кој ја потенцираше потребата од постојано усовршување и приспособување на образовните програми кон барањата на современата економија и пазарот на трудот.
Конгресот ICON BEST 2026 претставува платформа за размена на знаења и искуства меѓу академската заедница и стопанството, со цел создавање на паметна економија и интелигентен туризам како клучни двигатели на идниот развој. Со учество на претставници од 20 држави и повеќе од 100 учесници, јубилејното издание го потврдува растечкиот меѓународен карактер на овој научен собир и неговата улога во поврзувањето на македонската академска сфера со светските трендови во образованието, технологијата и економијата.