Скалони: Да имаше пет стадиони како „Монументал“, сите ќе беа полни за последниот танц на Меси

Селекторот на аргентинската фудбалска репрезентација, Лионел Скалони, изјави дека емоциите пред последниот репрезентативен настап на Лионел Меси се огромни и дека интересот за натпреварот е толку голем што дури и пет стадиони со капацитетот на „Монументал“ не би можеле да ги задоволат барањата на навивачите. Аргентина без проблеми го доби тест-натпреварот со Буркина Фасо со 7-0, што беше втор меч за „гаучосите“ во овој репрезентативен период, по триумфот против Боливија со 4-0. Сега следува најемотивниот и најпосебниот натпревар, против Бенин, на кој Меси ќе ја заокружи својата репрезентативна приказна исполнета со многу убави моменти и ситуации.
Скалони не го криеше задоволството што е дел од овој историски момент, но истовремено укажа на огромниот притисок околу билетите. „Да имаше пет стадиони како Монументал, ќе беа полни. Добив пораки од секаде и не можам да продолжам да им кажувам на луѓето колку е тешко да се добијат билети. Замислувам, пред сè, емоции од сите, вклучувајќи го и Лео, секако. Од моментот кога ќе стапне на теренот на ‘Монументал’, тоа ќе биде незаборавен ден за сите. Благодарен сум што сум дел од тоа. Тоа ќе биде негов ден, ден на неговите соиграчи – ден на оние кои му ја дале најголемата фудбалска радост, кои ја заслужуваат“, изјави селекторот.
Тој порача дека аргентинската селекција нема да биде иста без ѕвездата на Интер Мајами, истакнувајќи дека неговото влијание врз играта и врз сите околу него е нешто што ретко се среќава. „Сега останува само носталгијата што го нема. Веќе не станува збор само за фудбал; мора да продолжиме да играме. Но, чувството кога го имаме на теренот е уникатно. Тоа е она што би сакал луѓето да го разберат: што тој пренесува на фудбалскиот терен. На сите: на противникот, на соиграчот, на соперничкиот навивач, на своите. Не сум го видел тоа кај никој друг. Тоа е она што најмногу ќе ни недостига. Аргентинската репрезентација ќе продолжи да постои, но логично нема да биде иста“, порача Скалони.
Последниот репрезентативен танц на Лео е закажан за 7 октомври од 01:00 часот, а целиот фудбалски свет со нетрпение го очекува моментот кога Меси за последен пат ќе го облече дресот на Аргентина на домашна сцена. Натпреварот против Бенин ќе биде прилика навивачите да му оддадат почит на играчот кој ја предводеше Аргентина до најголемите успеси во нејзината историја, а Скалони смета дека тоа ќе биде ден исполнет со силни емоции за сите вклучени.