Сиљановска-Давкова во Будимпешта се сретна со македонската дијаспора

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во Будимпешта по повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956 година, утрово се сретна со претставници на македонската дијаспора во Унгарија. На средбата присуствуваа истакнати лица од областа на бизнисот, науката, образованието и информатичките технологии, како и студенти. Претставниците на дијаспората ја запознаа претседателката со нивната улога и ангажман во општествениот живот на Унгарија, како и со актуелната состојба во земјата. Соговорниците изразија желба за јакнење на македонско-унгарските односи и дадоа предлози за промоција на државата пред унгарската јавност и за подобро меѓусебно културно запознавање, посебно акцентирајќи ги можностите за развој на туризмот. Тие укажаа и на потребата од отворање културни центри во обете држави. За Сиљановска-Давкова, континуираната комуникација со дијаспората преку македонските дипломатски претставништва е особено важна за соработката и афирмацијата на татковината. Претседателката изрази задоволство од етаблираноста и препознатливоста на малубројната македонска дијаспора во унгарското општество. Таа укажа на важноста на културната дипломатија и ја поздрави нивната посветеност и активност, врзана за негувањето на македонскиот јазик, култура и традиција. Средбата се одржа во рамки на престојот на претседателката во унгарската престолнина, каде таа присуствува на одбележувањето на седумдесет години од Унгарската револуција.

Сиљановска-Давкова во Будимпешта се сретна со македонската дијаспора | FinPortal.mk

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која престојува во Будимпешта по повод одбележувањето на 70-годишнината од Унгарската револуција од 1956 година, утр