FinPortal.mk

Сиљановска-Давкова во Брисел: За напредок кон ЕУ потребна политичка волја од двете страни

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Сиљановска-Давкова во Брисел: За напредок кон ЕУ потребна политичка волја од двете страни

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во Европскиот парламент во Брисел оствари средба со европратениците Дан Барна од групата Renew од Романија, Тајс Ројтен од групата на социјалисти и демократи од Холандија, Матеј Тонин од Европската народна партија од Словенија и Карло Реслер, исто така од Европската народна партија, од Хрватска. На средбата се разговарало за актуелните состојби во македонскиот евроинтегративен процес, за предизвиците со кои се соочува политиката на проширување на Европската Унија, како и за можностите за надминување на долгогодишниот застој во пристапните преговори.

Сиљановска-Давкова ги потсетила соговорниците на 21-годишниот кандидатски статус на државата и на нејзината континуирана посветеност на европската интеграција, поткрепена со значајни реформи. Таа особено ја истакнала целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, како потврда на јасната геополитичка определба и доследната поддршка на европските позиции.

Според претседателката, политичката волја за напредок не треба да се очекува само од земјите кандидатки, туку и од самата Унија, од која се потребни креативни решенија за надминување на долгогодишниот застој, без доведување во прашање на македонскиот национален и културен идентитет. Таа порачала дека напредокот во пристапниот процес бара заемна политичка волја од двете страни.

Соговорниците се согласиле дека местото на македонската држава е во Европската Унија, каде што природно припаѓа, независно од предизвиците на патот. За дел од европратениците, искуството на нивните држави потврдува дека пристапниот процес може да биде долг и исполнет со тешки услови, а напредокот не секогаш да биде препознаен.

Претседателката им се заблагодарила за разбирањето и изразила уверување дека континуираниот дијалог и заедничкиот ангажман можат да придонесат за обновување на динамиката на проширувањето, како стратешка инвестиција во стабилноста, безбедноста и единството на Европа.

Средбата во Европскиот парламент се вклопува во пошироката посета на претседателката на Брисел, каде што таа имаше средби и во седиштето на НАТО, со што се потврдува надворешнополитичката ориентација на државата кон евроатлантските структури.