Сиљановска-Давкова пред Вајц: Билатералните прашања не смеат да го блокираат патот кон ЕУ

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со европратеникот и постојан известувач на Европскиот парламент за земјава, Томас Вајц, на која беше разгледана македонската европска интеграција, можностите и условите за деблокада на пристапниот процес, како и политиката на проширување на Европската Унија, согледана низ призмата на геополитичките закани и употребата на ветото. На средбата, на која присуствуваше и шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, беше истакната потребата од објективен пристап во известувањето за напредокот на земјата.
Сиљановска-Давкова ги поздрави обидите и напорите на Вајц за објективен пристап во известувањето, како и неговиот јасен став дека билатералните прашања треба да бидат одвоени од формалниот процес на пристапување кон Европската Унија. Претседателката оцени дека ваквиот пристап е од суштинско значење за заштита на кредибилитетот на процесот и за одржување на фокусот врз суштинските реформи, а не врз отворените двострани спорови.
Во пресрет на извештајот на Европската комисија, соговорниците разменија мислења за потребните и можните реформи на процесот на проширување, врз основа на воочените проблеми во досегашниот тек на преговорите и во функционирањето на методологијата за пристапување. За Сиљановска-Давкова од особена важност е да се забрза и заштити од ирационални опструкции динамиката на европската интеграција и да се овозможи посилна институционална заштита на принципот на заслуги во пристапниот процес, со што би се обезбедило напредокот на земјата да зависи од исполнувањето на критериумите, а не од надворешни фактори.
Претседателката посебно укажа на членовите 4(2) и 4(3) од Договорот за Европската Унија, во коишто се предвидени почитувањето на националниот идентитет, уставните и политичките структури на земјите-членки, како и обврската на земјите-членки за искрена соработка и непоткопување на целите на Унијата. Таа констатираше дека злоупотребата на ветото и билатералните условувања врзани со идентитетот, историјата и јазикот се во судир со овие одредби, бидејќи ги ставаат земјите-кандидати во нерамноправна положба и го забавуваат целиот процес на проширување.
Сиљановска-Давкова потсети на тешките и дотогаш непознати компромиси што земјата ги направила во изминатите децении во интерес на европската интеграција, потсетувајќи дека не само што не е остварено членството, туку не се почнати ни преговорите. Според неа, ваквата состојба ја потврдува потребата од поголема предвидливост и правичност во пристапниот процес, како и од јасни гаранции дека исполнетите критериуми ќе бидат соодветно вреднувани.
Од своја страна, Вајц ја објасни својата добра намера, неутралност и посветеност на процесот, укажувајќи на реалната доминација на политиката во одлучувањето за проширувањето. Тој темелно ја запозна претседателката со сите преземени активности во врска со македонско-бугарските релации и укажа на потребата од преземање пријателски чекори од обете страни, потенцирајќи ја цврстата решеност на Европската Унија за проширување. Средбата се одржа во период кога се очекува извештајот на Европската комисија, документ што традиционално дава оценка за напредокот на земјата во исполнувањето на реформските критериуми и претставува основа за понатамошни одлуки во процесот на пристапување.
Разговорот меѓу Сиљановска-Давкова и Вајц се вклопува во пошироката дебата за иднината на политиката на проширување на Европската Унија, која во последните години се соочува со бројни предизвици, меѓу кои и геополитичките закани што ја менуваат безбедносната слика на континентот. Во тој контекст, прашањето за употребата на ветото и за билатералните условувања добива дополнителна тежина, бидејќи секоја блокада на пристапниот процес не само што го забавува напредокот на конкретната земја, туку и ја намалува веродостојноста на самата Унија како гарант на стабилноста и безбедноста во регионот.
Соговорниците се согласија дека е потребен континуиран дијалог и активна комуникација меѓу институциите на земјата и претставниците на европските институции, со цел навремено да се идентификуваат пречките и да се најдат решенија што нема да го доведат во прашање ниту националниот идентитет, ниту европската перспектива. Средбата заврши со заедничка оценка дека само преку јасни правила, засновани врз принципот на заслуги и почитување на договорените рамки, може да се обезбеди одржлив напредок кон полноправно членство во Европската Унија.