Сиљановска-Давкова: Европскиот пат бара еднаков третман, а не билатерални услови

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека сите земји кандидатки за членство во Европската Унија треба да добијат еднаков третман, а оценувањето на напредокот да се заснова врз објективни критериуми, а не врз наметнати билатерални политички услови. Оваа порака таа ја пренесе на средба со амбасадорот Михалис Рокас, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Македонија, кој ѝ го предаде Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија за 2026 година.
На средбата двајцата соговорници оцениле дека се постигнати конкретни резултати и го поздравиле препознавањето на Македонија како една од најуспешните земји во спроведувањето на Реформската агенда и Планот за раст на Западен Балкан, соопштија од Кабинетот на претседателката.
Амбасадорот Рокас, сепак, укажал на утврдените слабости и на потребата од забрзување на реформите во владеењето на правото, правосудството и борбата против корупцијата. Тоа се областите во кои, според извештајот, се уште е потребен поинтензивен напредок.
Сиљановска-Давкова посочила дека повисокото ниво на подготвеност во поглавјето 10, посветено на дигиталната трансформација и медиумите, и во поглавјето 26, кое се однесува на образованието и културата, како и напредокот во науката и истражувањето и во усогласувањето со заедничката надворешна, безбедносна и одбранбена политика, го потврдуваат институционалниот капацитет на државата за исполнување на европските стандарди.
Таа очекува финализирањето на патоказите за владеење на правото и реформа на јавната администрација, како и на Акцискиот план за заштита на малцинствата, да донесе видливи промени и напредок во Кластерот „Основи“, стои во соопштението од Кабинетот.
Во рамките на своите уставни надлежности, претседателката истакнала дека ќе продолжи да придонесува за спроведувањето на реформите и за јакнењето на демократијата во земјата.
Сиљановска-Давкова нагласила дека извештајот треба објективно да го оценува исполнувањето на Копенхашките критериуми, а не наметнувањето билатерални политички услови, за кои оцени дека се спротивни на европските вредности и принципи утврдени во европските уставни акти. Според неа, изоставувањето на Македонија од групата земји што напредуваат со европската интеграција не е во согласност со принципот на еднаков третман што треба да важи за сите кандидати.
Средбата се одржа во момент кога Европската комисија го објавува годишниот пакет извештаи за напредокот на земјите од регионот, а македонските институции го чекаат следниот чекор во пристапните преговори. Од Кабинетот на претседателката порачуваат дека земјата останува посветена на реформската агенда и дека очекуваат оценката да биде поткрепена со јасни критериуми, еднакви за сите.