Сиљановска-Давкова: Дијалогот треба да има предност пред конфронтацијата

FinPortal.mk · 1.10.2026 г.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, настан којшто е посветен на разбирањето, простувањето, помирувањето и заедништвото преку заедничка молитва. На средбата беа разменети ставови за регионалните состојби низ призма на евроинтеграциите, како и за македонско-американските односи низ историјата и во рамките на стратешкото партнерство. Претседателката укажа на посебната улога на овој настан во будењето и заштитата на човечкото достоинство, одговорноста и почитта кон другиот во ера на поделби, недоверба и конфликти, газење на правото, етиката и моралот. Според неа, опстојувањето и интересот за Националниот молитвен појадок потврдуваат дека и покрај политичките и верските разлики, дијалогот може да ги зближи луѓето. Сиљановска-Давкова потсети на личноста на поранешниот претседател Борис Трајковски и неговата подготвеност за помирување. Во разговорот беше нагласена и неодржливоста на толерирањето на органите на Европската Унија на кршењето на основните принципи и вредности, загарантирани во меѓународното и европското право од нејзини членки, на примерот на македонските евроинтеграции. Според учесниците во дијалогот, очигледна е американско-македонската решеност за унапредување на меѓусебните односи. За сите нив, дијалогот мора да има предност пред конфронтацијата, толеранцијата пред нетрпеливоста, а мирот пред војната. Националниот молитвен појадок има долга традиција, а за првпат, во 1953 година, претседателот Ајзенхауер учествува на молитвениот појадок во Вашингтон. Средбата на претседателката Сиљановска-Давкова со претставниците на овој настан се вклопува во рамките на нејзините активности насочени кон промовирање на дијалогот, помирувањето и заедништвото, како во регионот, така и пошироко.

Сиљановска-Давкова: Дијалогот треба да има предност пред конфронтацијата | FinPortal.mk

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска оствари средба со претставници на Националниот молитвен појадок, настан којшто е посветен на разбирањето, про