Шведска му подари дрес со потписи на Един Џеко по неговото збогување со репрезентацијата на Босна и Херцеговина
Автор: Редакција на FinPortal.mk ·
Емотивно беше синоќа во Зеница на дуелот меѓу Босна и Херцеговина и Шведска, кој заврши 1:1, но резултатот остана во сенка на збогувањето на Един Џеко од националниот тим на Босна и Херцеговина. Легендарниот голгетер и капитен на репрезентацијата го одигра последниот меч во националниот дрес, не успеа да постигне гол, но доби големи почести и овации во текот на целиот натпревар. Пред почетокот на средбата, шведските фудбалери застанаа заедно со играчите на Босна и Херцеговина, кои направија шпалир во чест на Џеко. По завршување на мечот, претседателот на фудбалската федерација на Шведска, Симон Астром, се симна на теренот и на Џеко му подари дрес од шведската репрезентација со потпис на сите фудбалери и букет цвеќе. Иако Џеко нема ништо заедничко со Шведска, противникот против кој за последен пат играше во националниот дрес покажа почит кон еден голем играч. Овој потег на шведската фудбалска федерација е пример за тоа како големите репрезентации покажуваат почит кон своите противници и кон фудбалските легенди, сметаат познавачите на приликите. Според нив, токму таков однос треба да следи и македонската фудбалска федерација, која пред само неколку дена буквално заборави да даде почит на некогашниот наш селектор, Словенецот Среќко Катанец. Македонија гостуваше во Љубљана на Словенија, но никој од нашата експедиција не се сети ниту да го спомене, а не па да му даде некој пригоден подарок, на пример дрес, на Катанец, кој е во тешка здравствена состојба. Едноставно, тој потег кој од македонската федерација целосно го заборавија, сигурно ќе значеше покажување почит кон човекот кој ја предводел нашата репрезентација. Затоа, според коментарите по натпреварот во Зеница, треба да учиме од Шведска за многу работи, а очигледно и за фудбалските манири. Почитта кон противникот, кон легендите на играта и кон оние кои оставиле трага во фудбалот е она што ги издвојува големите репрезентации од останатите, а шведскиот гест кон Един Џеко е токму таков пример.