Шукова: Власта троши милиони евра за прослави, а минималната плата останува 26.000 денари

Членката на раководството на СДСМ, Каја Шукова, ја обвини Владата на ВМРО-ДПМНЕ дека не презема доволно мерки против растот на животните трошоци, а истовремено ја задолжува државата и троши големи суми за настани што не го подобруваат стандардот на граѓаните. Во гостувањето во емисијата „24 анализа" на ТВ 24, Шукова оцени дека граѓаните живеат со 26.000 денари, додека власта троши милиони евра за прослави.
Според Шукова, синдикалната минимална кошничка се приближила до 70.000 денари, додека за семејствата што плаќаат кирија месечните трошоци надминуваат 90.000 денари. Наспроти тоа, минималната плата останува околу 26.000 денари, што ја продлабочува разликата меѓу приходите и сумата потребна за покривање на основните потреби.
Шукова потсети дека СДСМ по третпат предлага минималната плата да се зголеми на 600 евра. Таа оцени дека политичката дебата треба да биде насочена кон приходите на работниците и помошта за ранливите семејства, наместо кон оправдување на милионските трошоци за прослави.
„Наместо да ги израдуваме граѓаните и да им кажеме дека ќе добијат минимална плата од 600 евра, која по третпат како закон ја поднесуваме во Собранието, ние се расправаме зошто се потрошени 5,5 милиони евра за Гета и за прославите за 35 години независност, кога тие пари можеа да бидат насочени кон социјално загрозените категории", рече Шукова.
Таа предупреди и на новите задолжувања на државата, посочувајќи го унгарскиот кредит како една од темите за кои опозицијата бара дополнителни одговори. Според неа, начинот на кој бил обезбеден кредитот е предмет на проверки во Унгарија, поради што македонската јавност треба да добие прецизни информации за условите, распределбата и трошењето на парите.
Во интервјуто Шукова зборуваше и за внатрепартиската консолидација на СДСМ, што го потврди таа во гостувањето.