Штрајк на нафтените работници во Северното Море може сериозно да ги наруши британските резерви на гориво

Синдикатот „Јунајт“ предупреди дека претстојниот штрајк на нафтените работници во Северното Море може „сериозно да ги наруши“ британските резерви на гориво. Според соопштението на синдикатот, вработените немале друг избор освен да прибегнат кон синдикални активности откако пропаднале преговорите за плати со тексашката нафтена компанија „Апачи“.
Од „Јунајт“ наведуваат дека работниците на „Апачи“ „одлучно“ ја поддржале синдикалната акција, откако добиле, како што велат, неприфатлива понуда за плата што за многу вработени претставува намалување на реалните примања, во момент кога компанијата „собира огромни профити“. Синдикатот тврди и дека операторот поставил рокови за постигнување договор за исплата на заостанати плати и навестил дека исплатите би можеле да бидат задржани, „оставајќи ги работниците потенцијално без илјадници фунти“.
Од „Апачи“ одговорија дека „конструктивно учествувале во разговорите за платите“ и дека понудиле зголемување на платите од 4 отсто за вработените, „чии примања веќе ги вбројуваат меѓу највисоките во Обединетото Кралство и чиј офшор-распоред во просек изнесува 153 работни дена годишно“.
Според синдикатот, штрајкот би можел да започне подоцна овој месец и да опфати повеќе од 160 офшор-работници на „Апачи“, меѓу кои електрични експерти, производствени техничари и радио-оператори. Акцијата би ги зафатила нафтените полиња „Фортис“ и „Берил“ и би можела да доведе до тоа една од клучните платформи во Северното Море, позната како „Чарли“, „да биде запрена“. Тоа, предупредуваат од „Јунајт“, на крајот би можело да предизвика „паѓање“ на целиот нафтоводен систем „Фортис“ во Северното Море, кој, како што се наведува, обработува речиси една третина од британската нафта и гас. Нарушувањето, додаваат, би можело да се пренесе и да ги зафати и другите големи оператори во Северното Море.
Потрошувачите веќе се соочуваат со раст на цените на горивата и гасот поради војната на САД и Израел против Иран, која ги нарушува испораките на сурова нафта и рафинирани нафтени производи од Заливот. Во петокот британските возачи добија нов удар кога излезе дека просечната цена на дизелот се искачила на рекордни 2 фунти за литар. Истовремено беше објавено дека лидерите на Г7 ќе ослободат до 100 милиони барели од своите итни резерви на дизел и сурова нафта, откако Доналд Трамп се закани дека ќе ги прекине испораките на американски дизел.
Генералната секретарка на „Јунајт“, Шерон Греам, изјави: „Нема да толерираме неприфатливи понуди за плата.“ Стиви Дејвис, индустриски претставник во синдикатот, рече дека секое нарушување на платформите на „Апачи“ „би имало директен удар врз нафтоводот ‚Фортис‘ и потенцијално сериозно би ги зафатило британските резерви на гориво“.
Тексашката корпорација АПА, матичната компанија зад „Апачи Норт Си Продакшн“, за минатата година пријавила 1,4 милијарди долари (1,1 милијарда фунти) профит по оданочување и 9,2 милијарди долари приходи. „Веруваме дека нашата конечна понуда до синдикатот е фер и ја признава придонесот на нашата офшор-работна сила, заедно со пошироките бенефиции во нашиот пакет на вкупни награди“, соопштија од „Апачи“. „Предложеното зголемување на платите е исто така во согласност со она што им беше доделено на нашите несиндикални вработени порано оваа година.
Од „Апачи“ додадоа дека имаат планови за непредвидени ситуации и дека не очекуваат синдикалната акција да влијае врз другите производители и нивната способност да работат преку нафтоводниот систем „Фортис“. Плановите вклучуваат задржување на „искусен персонал“ на клучните локации, а од компанијата велат дека секое намалување на притисокот во нафтоводот како резултат на синдикалната акција би било слично на она што се случува при рутински одржувања. „Како одговорен оператор, планираме да одржуваме безбедни операции во текот на секоја синдикална акција“, додаваат од „Апачи“.
Планираните штрајкови на офшор-работниците на „Нео Некст“, организирани од „Јунајт“, беа откажани ова лето откако беше постигнат договор со кој, според синдикатот, платниот пакет е зголемен за повеќе од 4.000 фунти. Договорот беше постигнат неколку дена пред работниците да започнат со серија штрајкови од 22 јули. „Инеос“, кој управува со нафтоводниот систем „Фортис“, беше контактиран за коментар.