Што всушност значи „клучниот чекор“ што го бара фон дер Лајен: зад едната порака од Скопје стои долг список реформи

Автор: Редакција на FinPortal.mk ·

Кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот од Скопје порача дека Македонија треба да го направи „клучниот чекор“ за да се придвижи кон отворање на првиот кластер од преговорите со Европската Унија, пораката звучеше едноставно. Но зад тој „еден чекор“ стои многу подолг список на реформи, а отворањето на кластерот не се сведува само на една одлука или на едно реформско прашање. Европската комисија веќе го има завршено скринингот за Македонија, а извештајот за првиот кластер – „Основи“ – е доставен до Советот уште во јули 2023 година. Во декември истата година заврши и целиот скрининг процес. Документите на Европската Унија покажуваат дека „Основи“ е поставен во срцето на преговарачкиот процес и треба да покаже дали државата има институции, правосудство и јавна администрација способни да го спроведуваат европското право. Со новата методологија за проширување, усвоена во 2020 година, 33-те преговарачки поглавја се групирани во шест тематски кластери. Првиот се вика „Основи“ – Fundamentals. Тој ги опфаќа поглавјата 23 – Судство и фундаментални права, 24 – Правда, слобода и безбедност, 5 – Јавни набавки, 18 – Статистика и 32 – Финансиска контрола. Но кластерот е поширок од самите пет поглавја. Во него се следат и функционирањето на демократските институции, реформата на јавната администрација и економските критериуми. Европската комисија го опишува кластерот како основа за „стабилна, демократска, модерна и добро функционална држава“. И тука е суштината: „Основи“ не е само уште еден дел од преговорите. Тој е кластер што се отвора прв, а се затвора последен, а напредокот во него влијае врз целокупната динамика на преговорите. Токму затоа пораката на фон дер Лајен за „клучниот чекор“ не може да се сведе на едноставна формулација, туку отвора прашање дали Македонија е подготвена за она што всушност стои зад неа.

Што всушност значи „клучниот чекор“ што го бара фон дер Лајен: зад едната порака од Скопје стои долг список реформи | FinPortal.mk

Кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петокот од Скопје порача дека Македонија треба да го направи „клучниот чекор“ за да се при