Штип со прва суперлигашка победа — Струмица падна во драма во салата „Џексон

Кошаркарите на Штип конечно ја вкусија радоста на победата во својата дебитантска сезона во кошаркарската Супер лига. Во натпревар од петтото коло, одигран пред својата публика во салата „Џексон“, тимот на Штип во израмнета и жестока пресметка ја совлада Струмица со резултат 87:81.
Натпреварот донесе голема неизвесност од самиот почеток. Домаќините подобро го отворија мечот и првата четвртина ја добија со 15:11. Сепак, Струмичани во вториот период заиграа поангажирано и успеаја да го намалат водството на домаќините, па на полувреме резултатот изнесуваше 40:37 во корист на Штип.
И по израмнетата трета четвртина, која домаќините ја добија со само еден поен разлика, решавачката предност Штип ја направи во последната четвртина. На стартот на последниот квартал, избраниците на тренерот Марјан Србиновски со серија од 6:0 стигнаа до најголема предност од десет поени разлика.
Гостите од Струмица не се предадоа и одговорија со серија од 10:2, со што во финишот се приближија на само два поени. Сепак, искусниот тим на „ветерани“ на Штип не дозволи гостите комплетно да направат пресврт и со „мирна рака“ ги погодија одлучувачките слободни фрлања за конечен триумф.
Во редовите на победничкиот состав најефикасни беа Димчевски со 20 поени, како и Караколев и Хамилтон со по 19 поени. Гостите од Струмица беа предводени од расположените Џејкобс и Пандев, кои постигнаа по 19 поени.
Ова е првата радост за Штип во елитното друштво, додека за Струмица тоа е трет пораз во сезоната. Интересно е што Струмица пред само три дена го совлада шампионот МЗТ Скопје, што дополнително ја нагласува тежината на овој пораз за гостите од Струмица.
Со оваа победа, Штип ја потврди својата конкурентност во суперлигашкото друштво и покажа дека и покрај статусот на дебитант, може рамноправно да се носи со искусните екипи. Струмица, пак, ќе бара начин да ја врати формата по неочекуваниот кикс по големиот триумф над шампионот.