FinPortal.mk

Шпанските судии добиваат микрофон: по натпреварите ќе објаснуваат одлуки пред камерите

Автор: Редакција на FinPortal.mk  · 
Шпанските судии добиваат микрофон: по натпреварите ќе објаснуваат одлуки пред камерите

Шпанската фудбалска лига воведува нов начин на комуникација со јавноста — судиите во шпанското првенство повеќе нема да ги слушаме само преку свирчето, туку ќе даваат и интервјуа по завршувањето на натпреварите. Целта е да се подобри нивниот имиџ и да се намали дистанцата меѓу арбитрите и јавноста, објави Ла Лига.

Новината ќе почне да се применува викендов, во 11. коло од првенството, откако судиите од почетокот на сезоната веќе даваат кратки интервјуа пред почетокот на натпреварите. Според шпанскиот весник „АС“, договорот е постигнат меѓу Ла Лига, Шпанската фудбалска федерација и здружението на судиите.

За почеток, телевизиите DAZN и Movistar+ ќе имаат право на по едно интервју со судија во секое коло. Тоа значи дека по завршувањето на натпреварите ќе зборуваат најмалку двајца судии, а не сите арбитри што суделе во колото. Едно од првите интервјуа е предвидено по баскиското дерби меѓу Атлетик Билбао и Реал Сосиедад, кое ќе се игра в недела од 21 часот на стадионот „Сан Мамес“.

Досега, по спорните одлуки најчесто зборуваа тренерите, фудбалерите, клупските функционери и навивачите, додека судиите ретко имаа можност непосредно по натпреварот јавно да ја објаснат својата страна. Со новиот пристап, шпанските фудбалски власти сакаат да покажат дека судиските одлуки не мора да останат без објаснување.

Според извештаите на шпанските медиуми, договорот предвидува и колективен аудиовизуелен надомест од 500.000 евра за судиите што ќе учествуваат во телевизиските активности. Сепак, новиот формат не значи дека секој судија ќе мора да одговара на прашања по секој натпревар — во почетната фаза интервјуата ќе бидат ограничени на два натпревара во колото.

Интервјуата се само еден дел од пошироките промени со кои шпанскиот фудбал се обидува да го направи судењето поразбирливо за јавноста. Од минатата сезона постои емисијата „Tiempo de Revisión“ („Време за преглед“), во која Судиската комисија ги анализира спорните моменти од натпреварите.